Во организација на Здружението на пензионери на Кочани денеска на терените во Спортско-рекреативниот центар Пониква се одржа првата средба на пензионери спортисти, членови на здруженијата на пензионерите од Кавадарци, Куманово, Прилеп и Кочани.
Пензионери од овие четири здруженија се натпреваруваа во 11 спортски дисциплини. Покажаа солидни резултати и подготвеност за учество на републичката спортска олимпијада која годинава ќе се одржи на 2 септемеври во Кочани.
– Спортистите од четирите града во Македонија ја манифестираа својата подготвеност пред одржувањето на републичката спортска олимпијада во Кочани. Терените на Пониква пружија одлични услови за спортување, а задоволството на сите учесници беше големо. На средбата нема победници и победени. Ова беше тренинг пред олимпијадата, изјави претседателот на Здружението на пензионери од Кочани Горги Серафимов.
Учесниците на четворомечот обезбедија пласман на републичката олимпијада од осумте регионални спортски натпревари кои се одржаа во исто толку региони во Македонија во мај и јуни годинава.
За време на престојот на Пониква гостите го посетија манастирот „Свети Василиј“ кој се наоѓа на надморска височина од 1.640 метри, како и скијачките и спортските терени.