Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и заменикот министер Дејан Павлески, денеска во Министерството за локална самоуправа остварија средба со амбасадорот на САД, Џес Бејли.
На средбата, министерот Фазлиу ја истакна важноста од поддршката на САД во напорите на Владата и на Министерството за локална самоуправа за поттикнување на локалниот социјален и економски развој. Министерството за локална самоуправа, рече Фазлиу, посветено ќе работи на рамномерниот развој и воедначени услуги за сите граѓани. Конкретно, министерот Фазлиу ја истакна потребата од воспоставување на систем за контрола на распределбата на средствата според степенот на развиеност, со цел да се поттикне развојот во помалку развиените плански региони.
Со подигнување на квалитетот на живеење се стеснува просторот за политичка злоупотреба на граѓаните, особено кога се во прашање меѓуетничките односи, рече Фазлиу.
Амбасадорот на САД, Џес Бејли ја истакна улогата на Министерството за локална самоуправа.
– Важноста на Министерството произлегува од важноста на локалната самоуправа во општеството на секоја земја, па и во Република Македонија особено по Рамковниот договор во 2001 година.
Амбасадорот Бејли ја истакна потребата од соодветно финансирање на надлежностите на општините, зајакнување на капацитетите, како и хоризонталната координација меѓу Министерството за локална самоуправа и другите министерства, надлежни за одредени области.
– Начинот на обезбедување на средства од страна на локалната власт е од клучна важност за локалната самоуправа. Ако сите средства општините ги очекуваат од централната власт, тоа значи дека одлуките се носат на централно ниво, а не на локално, во тој случај не може да се зборува за локална самоуправа, рече амбасадорот Бејли. Во тој контекст, Бејли ја истакна важноста од транспарентно и отчетно работење и вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуките.
Заменикот министер, Дејан Павлески истакна дека политиката на Владата во областа на локалната самоуправа е насочена кон зголемување на капацитетите на општините во сите сегменти. Со зајакнување на финансиските и на човечките ресурси, локалните власти во консултација со граѓаните ќе можат посамостојно да го планираат сопствениот развој. Тој исто така ја нагласи потребата од преиспитување на постојните формули за распределба на блок дотациите и другите средства од централната власт, со цел да се обезбеди финансирање на локално и на регионално ниво кое што реално ќе води кон порамномерен развој.
– Неопходно е да се преиспитаат постојните механизми и да се обезбедат јасни и транспарентни критериуми за распределба на средствата кон планските региони од другите министерства, за да може реално да се влијае на обезбедување порамномерен развој и воедначени услуги, рече заменикот министер Павлески.
На средбата беше договорено соработката да продолжи на техничко ниво за да се конкретизира поддршката согласно потребите на Министерството и на општините.