Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, во својство на актуелен претседавач со Советот на ЕУ, денеска се сретна и со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Димитров изјави дека е убеден дека Хрватска како претседавач ќе најде начин успешно да го изменаџира процесот за одлучување.
„Според Европската комисија, Северна Македонија ги зголеми своите напори и испорача натамошни конкретни и одржливи резултати во реформите. Новата методологија заедно со овој исклучително позитивен, а истовремено фактографски извештај се основите и ЕУ да вложи напори и да испорача конкретна и одржлива одлука за почеток на пристапни преговори. Убеден сум дека Хрватска како претседавач ќе најде начин успешно да го изменаџира процесот за одлучување во следните денови и недели“, рече тој.
Министерот Радман ја потврди силната поддршка на Хрватска и заложбите на хрватското претседателство на Советот на ЕУ во наредниот период да се донесе одлука за почеток на пристапните преговори и согласно новата методологија да се даде нов импулс и динамика на евроинтегративните процеси на земјава.
Министерот Радман информираше и за тековните подготовки и очекувани резултати на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се планира да се одржи во мај оваа година во Загреб.
И заменик – претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска се сретна со Радман.
Вицепремиерот Османи, соопштија од Секретаријатот за европски прашања, изразил благодарност до Радман за активниот пристап на Хрватска по преземањето на претседателството со ЕУ, во однос на нивните заложби за промоција и интензивирање на европските перспективи на целиот Балкан, упатувајќи притоа благодарност и за личниот ангажман на премиерот Пленковиќ за интензивирање на процесот на проширување.
– Ми причинува особено задоволство што денешната посета на министерот Грлиќ Радман се совпадна со објавувањето на предвремениот Извештај за напредокот и состојбите во Република Северна Македонија, во кој уште еднаш е потврдена препораката од минатата година за почеток на преговорите, истакна Османи нагласувајќи притоа дека по објавувањето на новата методологија за проширување на почетокот од минатиот месец, ова е втор клучен момент по октомврискиот самит, кои на голема врата ја враќаат довербата во европските интеграции и го отвораат патот за одлука на Европскиот совет за почеток на преговорите со Република Северна Македонија уште оваа пролет.
Според Османи, извештајот ја покажува довербата на ЕК за нашата подготвеност и потврда за сработеното, односно дека земјава се движи во правилна насока.
– Објавувањето на денешниот извештај за напредокот, покажува дека довербата на Европската Комисија за нашата подготвеност не само што ја задржавме, туку и ја зголемивме, што е од исклучителна важност не само за нас, туку и за земјите – членки, а претставува и потврда за нашата работа и вистински показател дека земјава се движи во правилна насока, додаде Османи.