Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров денеска престојуваше во работна посета на Виена на покана на шефот на австриската дипломатија Себастиан Курц.
– Фактот што посетата е една од првите билатерални посети на министерот за надворешни работи Димитров на ЕУ земјите членки, надвор од соседите, претставува потврда повеќе за силните врски на пријателство и соработка меѓу двете земји и нации, се наведува во соопштението од МНР.
Во разговорот со својот австриски колега, министерот Димитров се заблагодарил за конзистентната и отворена поддршка на нашиот пат кон членство во ЕУ, истакнувајќи дека Австрија претставува еден од најважните ЕУ пријатели на Регионот.
Во таа смисла, Димитров особено ја нагласил потребата од постигнување на суштински исчекор во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, и тоа на двете страни – завршување на домашната задача на самите земји аспиранти, но и внесување на нова динамика во процесот на интеграција од страна на земјите членки.
– Република Македонија на овој пат е решена, преку посветена работа, да понуди што е можно повеќе аргументи на своите Европски партнери и да претставува позитивен пример за европската перспектива на целиот регион. Брзото враќање на интегративниот воз за Брисел назад на шините е од клучно значење, а Македонија може да биде новиот светол момент на овој макотрпен пат, заклучил Димитров.
Австрискиот министер Курц потврдил дека Австрија останува силен поддржувач на европската иднина на Македонија, поздравувајќи ги заложбите на новата реформска Влада на Република Македонија за темелни реформи во клучните области, како и политиката на отворен и позитивен однос со своите соседи. Курц ја охрабрил Владата да продолжи со ваквите чекори.
Разговорите на двајцата шефови на дипломатиите опфатиле и теми поврзани со миграцијата и унапредувањето на билатералната соработка, а беа размененети мислења и за актуелни политичко-безбедносна теми во нашиот регион и пошироко.
Во рамките на работната посета на Виена, министерот Димитров остварил средби и со претседавачот на Комисијата за надворешнa политика во австрискиот Национален Совет, Јозеф Чап и членови на комисијата, со претседателот на Комората на индустријалците на Австрија, Георг Капш, а дал и интервју за австрискиот весник „Die Presse”.