Ќе ги оставиме и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да се самообноват во опозиција, на европска Северна Македонија ѝ е потребна одговорна опозиција. Ние продолжуваме по правиот пат, рамо до рамо со развиените европски и светски демократии затоа што многу постигнавме за граѓаните и државата изминативе три години, а можеме и уште повеќе и уште подобро, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски за денешното неделно издание на „Политика“.
Тој во интервјуто за „Политика“ оцени дека ова се многу важни избори за нашата држава на кои ќе се потврдат определбите за евроатлантска Северна Македонија со развојна економија што ги носи европските вредности и стандарди. И тоа ќе се случи на 15 јули, оцени Спасовски, додавајќи дека фокусот е кон организирање и спроведување избори безбедни по здравјето на граѓаните, во фер и демократска атмосфера, за што мора да придонесат сите политички субјекти во државата.
За барањето на ДУИ за премиер Албанаец, Спасовски вели дека за тоа ќе одлучат гласачите на избори, како што и прилега на секоја демократска држава, и на РСМ која е пример во регионот како се гради eдно општество за сите граѓани.
-ДУИ е 17 години на власт и самото тоа што ја враќа националистичката реторика покажува дека нема што да им каже на граѓаните и дека е зрела за во опозиција. Колку е популистички нивниот потег зборува тоа што излегуваат со концепт за којшто не објаснуваат како ќе се реализира. Кандидат за премиер на СДСМ и на најголемата предизборна коалиција „Можеме“ е Зоран Заев и она што е клучно е што ја имаме поддршката од сите етнички заедници. СДСМ покажа дека е мултиетничка партија и може и знае да предводи Влада што се грижи за сите граѓани подеднакво: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други. Имаме потпретседатели Албанци, имаме министри и на раководни позиции претставници од сите етнички заедници: и Албанци и Турци и Срби и Роми и така натаму. Ја имаме поддршката од сите етнички заедници и мандатар за состав на новата Влада ќе биде Зоран Заев – и не затоа што СДСМ и коалицијата „Можеме“ стојат зад тој предлог, туку затоа тоа е волјата на граѓаните, оцени Спасовски.
Според него, ЕК со тоа што го утврди предлогот за Преговарачка рамка за преговорите за членство на земјава во ЕУ и го достави на разгледување до државите членки на Европската унија потврдила дека Северна Македонија е на правиот пат, а европските перспективи на државата се реалност, како што е реалност и признанието на македонскиот јазик со тоа што е наведен како јазик на кој што треба да се преведе европското законодавство, пред да станеме држава членка на ЕУ.
-Така што сите лаги и конструкции во негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ се демаскирани пред јавноста. Но ги разбираме, остатоците од режимот се во врвот на партијата и тие сакаат меѓународна изолација за повторно да крадат. Обнова на режимот нема да дозволиме. Ќе ги оставиме и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да се самообноват во опозиција, на европска Северна Македонија ѝ е потребна одговорна опозиција. Ние продолжуваме по правиот пат, рамо до рамо со развиените европски и светски демократии затоа што многу постигнавме за граѓаните и државата изминативе три години, а можеме и уште повеќе и уште подобро, кажа Спасовски.
Тој во врска со последиците од пандемијата со коронавирусот, оцени дека сите мора да разберат дека справувањето со коронакризата значи, прво, да се сочува јавното здравје, а потоа и да се сочува егзистенцијата на граѓаните.
-Како Влада донесовме три сета економски мерки за помош на граѓаните и на бизнисите. Првите два сета мерки беа со цел да се помогне на приватниот сектор и да се сочуваат работните места на граѓаните, преку обезбедена финансиска поддршка од 14.500 денари (над 230 евра) по вработен и бескаматна линија кредити како поддршка на бизнисот, а третиот сет мерки е со цел ревитализација на економијата преку зголемување на потрошувачката на граѓаните, на македонски производи. Наменивме 28 милиони евра за засегнати категории граѓани, невработените лица и примателите на социјална помош кои добиваат 9.000 денари (околу 150 евра), а вработените со ниски примања и младите од 16 до 19 години добиваат финансиска помош од 3.000 денари преку домашна платежна картичка. Таква картичка добиваат и здравствени работници ангажирани во справувањето со коронакризата, со средства во висина од 40 проценти од последната основна нето-плата. За поддршка на домашниот туризам доделивме ваучери од 6.000 денари (близу 100 евра) на лица со ниски приходи. Во врска со последиците по економијата мора да нагласам дека реализацијата на вкупните приходи во јуни е значајно подобра од очекувањата – реализацијата на приходите во јуни е за 9.6% пониска во однос на јуни минатата година, додека во очекувањата бевме подготвени за 20% пониски приходи. За јуни, за ребалансот проекциите беа со очекуван пад од нешто над -20%, а остварениот пад е -14,4%. Ова е позитивна разлика од околу 700 милиони денари. Во програмата на СДСМ најавуваме брза развојна економија и тоа го базираме на реални основи. Станавме членка на НАТО, добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и тоа даде резултат од 624 милиони евра странски инвестиции, најмногу во Југоисточна Европа, со што ја завршивме 2019 година, а денес се веќе над 660 милиони евра. Нашата држава е најповолна за инвестирање во регионот поради сигурноста што ја обезбедивме и ако на стартот на интеграциите имаме 660 милиони евра странски директни инвестиции можеме и повеќе. Најавуваме една милијара евра странски инвестиции до крајот на мандатот. Во Програмата се обврзуваме дека ќе ги поддржиме домашните и странските компании со 600 милиони евра – 300 милиони од буџетот и 300 од европските фондови и на просечна плата од 34.000 денари (над 550 евра) и минимална плата од 20.000 денари (над 320 евра), во следните четири години, изјави Спасовски.
Премеирот за „Политика“ односите со Србија ги оцени како традиционално добри и пријателски кои последниве три години бележат пријателство и соработка во развој.
-Остварени се значајни конкретни проекти што придонесуваат за унапредувањето на комуникацијата и соработката, како меѓу нашите две држави, така и во регионот. Меѓу нив се системот за гранично управување на преминот Табановце – Прешево, по принципот One Stop Shop, од голема полза за граѓаните на двете земји, за економиите и туризмот, исто и потпишаната спогодба за отворање заеднички граничен премин Лојане – Миратовац. Одличната соработка на кризните штабови на двете држави, во услови на светската здравствена криза само го потврдува нашето големо пријателство како држави и народи и продолжуваме да го развиваме, оцени премиерот.
На прашањето на „Политика“ за очекувањата од вонредните парламентарни избори, Спасовски одговори дека очекува поддршка на СДСМ и коалицијата „Можеме“ за да продолжат да ја водат државата кон сигурна иднина напред.
– Нашата држава, преку прогресивното водство и храбрите и мудри одлуки за три години успеја да ги затвори билатералните прашања со соседите, со што ја оствари стратешката цел за членство во НАТО, отвораме преговори со ЕУ – со што се реализира и втората стратешка цел на државата и го остваривме вековниот стремеж на нашите претци и на сите досегашни и сегашни генерации нашата држава да ја осигураме на картата на држави во светот со признаен македонски идентитет и македонски јазик од целиот свет. Градиме едно општество за сите, се грижиме за сите, обезбедивме внатрешна стабилност и сме држава за пример во регионот и во светот, како низ дијалог – како европска и светска цивилизациска вредност, се доаѓа до решенија. Режимот е опасност и тие мрачни времиња се минато. На изборите очекуваме поддршка на СДСМ и коалицијата „Можеме“ да продолжиме да ја водиме државата кон сигурна иднина напред и тоа ќе биде победа на Република Северна Македонија и на граѓаните на нашата земја, изјави Спасовски во интервјуто за „Политика“.