Спасовски на Салцбуршкиот форум: Ги поддржуваме сите заеднички иницијативи во справувањето со миграциските предизвици

Од:

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната министерска конференција на Групата пријатели на Салцбуршкиот форум што се одржа во Виена истакна дека Република Северна Македонија заедно со земјите од регионот ја препознаваат важноста од потпишување меѓународни договори за развивање и зајакнување на меѓународната соработка. Тоа, посочи Споасовски, претставува приоритет врз основа на кој се надградува безбедносната и политичката стабилност на државите во Европа.

-Имајќи го ова предвид, изминатиот период бевме иницијатори за потпишување на повеќе спогодби и договори со земјите од соседството, но и од регионот, особено на полето на сузбивање на организирани криминални групи кои вршат кривични дела на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, рече Спасовски на конференцијата посветена на темата „Криумчарењето мигранти и заштитата на границите“.

Како што соопшти МВР, министерот Спасовски, презентирајќи ги статистичките показатели, како и низата активности што Владата на Република Северна Македонија, односно Министерството за внатрешни работи ги преземаа во изминатиов период во насока на превенирање на илегалното преминување на границата, се осврна на проблематиката на заштитата на границата.

-Република Северна Македонија дава неспорна поддршка за сите заеднички иницијативи – формални и неформални – во справувањето со миграциските предизвици и борбата против криминалните појави, кои се нужна последица на миграцијата. Успехот на секоја држава зависи од воспоставувањето на ефективни механизми за меѓународна и регионална соработка и од размена на оперативни информации. Но, она што е најнеопходно е интегриран и системски пристап, кој ќе овозможи воспоставување посебен и единствен безбедносен простор со соодветни правни инструменти, и во насока на заштита на човековите права и слободи, но и за ефикасна борба против криминалците, потенцираше Спасовски.

На прес-конференција, во рамки на Салцбуршкиот форум, Спасовски пред присутните министри и учесници на форумот упати јасна порака дека без кооперативност, без тесна соработка и координација, ефектите и квалитетот на борбата против криумчарењето мигранти и илегалната миграција, не можат да бидат на максимално ниво.

-Предлагаме и низа конкретни чекори, не само во смислa на ургентно потпишување на т.н. Статус Договор со ЕК што ќе го овозможи користењето на механизмите на Frontex, туку и во смислa на носење пакет-мерки кои ќе овозможат подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на Frontex или странски полициски службеници на критични точки на границите, пред сè, во случаи на брзо влошување на состојбата, како и можности за сигурна континуирана размена на информации и податоци, вклучувајќи оперативни сознанија, разузнавачки податоци, продукти од видео и воздушен надзор, сателитски снимки итн. Воедно, ја истакнав и неопходната потреба од зголемување на оперативната соработка со Република Грција, како единствен начин за постигнување на ефективност во постапувањето на полициските службеници од двете страни на границата, изјави Спасовски на прес-конференцијата.

Во рамки на Министерската средба на Салцбуршкиот форум се одржа и Комитетот на министри на Конвенцијата за полициска соработка на земјите од Југоисточна Европа, посветен на процесот на имплементација на Конвенцијата за полициска соработка на ЈИЕ, како и на Договорот за автоматизирана размена на податоци на земјите потписнички на Конвенцијата.

-Како ниту една друга регионална иницијатива или организација, Конвенцијата за полициска соработка остваруваше вистинска опиплива стратешка и оперативна соработка, која даваше резултати во сите земји кои се дел од оваа платформа. Еден, а можеби и најголем резултат постигнат во рамки на Конвенцијата е токму мини-Прум Договорот, кој воспоставува правна рамка за интегрирана и координирана оперативна соработка меѓу земјите потписнички, подвлече министерот Спасовски, притоа ставајќи акцент на Договорот за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила потпишан и ратификуван во Собранието на РСМ.

Воедно, министерот Спасовски истакна дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија дава безрезервна поддршка за процесот на координирање и договарање на специфичната содржина на Протоколот за изменување и дополнување на Конвенцијата за полициска соработка, со цел да се надминат можните пречки во соработката, која ќе се реализира во рамки на Конвенцијата.

-Блиската соработка и координацијата на мултилатерално ниво, со вклученост на претставници од земјите потписнички на Договорот, меѓународните организации и земјите поддржувачи на истиот, ќе придонесат кон постигнување на вистинска синергија, односно унифициран и хармонизиран пристап и постапување во целокупниот процес, потенцираше Спасовски.

Би можело да ве интересира

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

(ВИДЕО) Уапсена е банда која криумчарела мигранти

Бојмацалиев: Намалена илегална миграција за 50 отсто

Приведен криумчар на мигранти: Бегал од полиција, удрил во канделабра

А1он

Пет Кинези илегално влегле во Македонија –добија парична казна, депортација и забрана за влез

Анита Петровска Рајковиќ