Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба, а се преземаат мерки и активности и кон други лица, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку „Фејсбук“.
„Работиме во координација со јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и содветно санкционирање на сторителите“, напиша министерот.
Вчера А1он објави дека точно една година обвинителството ги вештачи телефоните на тие што објавуваа разголени фотографии на девојчиња.
Една година нема епилог за случајот „Јавна соба“, кога за првпат беше обелоденето дека илјадници членови на социјалната мрежа „Телеграм“, во тајна група споделуваат експлицитни фотографии и видеа од девојчиња од Македонија, вклучително со нивните имиња и телефонски броеви.
Во меѓувреме, се отворија неколку нови групи под истото име, процесот на споделување приватни фотографии продолжува, а епилогот од институциите изостанува.