Обвинетиот за убиството на Мартин Нешковски и неговата одбрана бараат ослободителна пресуда за Игор Спасов или предметот да се врати повторно на судење во Кривичниот суд. Барањето беше упатено на јавната седница во Апелациониот суд каде што се расправаше по жалбата на Сапсов за 14 годишната казна затвор.
Спасов останува на своето тврдење, дека тој не го убил Мартин Нешковски. Тој тврди дека Мартин не го удрил во глава, туку дека го удрил во слабината, а како причина за неговата смрт е наведен ударот во носот. Според Спасов, Нешковски се сопнал и паднал на бетонот што било фатално за него.
„Менталниот склоп вечерта, мене не ми бил да убивам, туку да го заштитувам претседателот на Владата. Мене ми е многу жал што изгубивме млад живот и две семејства сега патат. Меѓутоа јас не го убив Мартин Нешковски“ рече Спасов пред судиите од Апелациониот суд.
За одбраната пресудата е неразбирлива и противречна и во неа не е наведен мотивот поради којшто е извршено убиството. Тие имаат забелешки и поради тоа што не биле земени во предвид лекарските прегледи кои што ги правел Спасов за време на неговото работење како специјалец.
„Јас работев со оружје, мора да бидам психофизички здрав. На секои шест месеци правев психофизички прегледи, но судот не ги зеде во предвид тие прегледи. Три години работев како лично обезбедување на актуелниот претседател на Владата, а 1,5 година го обезбедував Љубчо Георгиевски“ рече Спасов.
Спасов рече дека за време на убиството бил работно ангажиран како и неговите колеги и дека сите наредби ги примал од старешината.
Според него, неговите колеги ги смениле исказите,и не е логично сите да биле на плоштад за „да шлапкаат раце на победата на ВМРО ДПММЕ“, а еден од нив и со службено возило.
„Првостепената пресуда е контрадикторна со основниот доказ со секциониот протокол. Јасно е наведено во првостепената пресуда дека го удирал со клоци и со рака, со боксови во пределот на главата. Секциониот протокол е тотално контрадикторен со диспозитивот на пресудата. Таму јасно стои дека имало гребаници на надлактицата, имало гребаница на носот и скршеница на носната коска. Не постојат тие удари во секциониот протокол коишто се наведени во диспозитивот на пресудата. Тоа е основна, почетна контрадикторност на пресудата со доказите“ изјави адвокатот на Спасов, Ване Андреев.
На јавната расправа беше присутно и семејството на убиеното момче Мартин Нешковски. И тие очекуваат случајот да се врати на почеток.
„Да го вратат случајот од почеток и да ги инволвираат буквално сите. Да ги земат во предвид доказите кои судот не сакаше да ги прими и да ги погледне . Јасно се гледа дека од качувањето на бина на Груевски до моментот до кога Мартин е убиен, тој не бил во близина на бината. Го нема во радиус од 40, 50 метри. Униформираните полицајци кои биле активни цела вечер, гледале сè и и не направиле ништо“ изјави Александар Нешковски, братот на Мартин.