Спасовски: Да одговорат обвинителот и судијата врз кои проценки е дозволено Спасов да ја прекине затворската казна

Од:

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека клучното прашање во однос на бегството на Игор Спасов е одговорот од обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор.

Одговарајќи на новинарско прашање како побегнал и каде е Игор Спасов, министерот за внатрешни работи одговарајќи дека ќе биде разгледано во однос на истрагата, каде, како и на кој начин ја напушти Македонија, истакна оти многу поважно е да се види и конечно да се реши проблемот на нефункционалност на системот.

– Сите разговараме за тоа како сега ќе го решиме проблемот откако тој ја напуштил државата. Прашањето е клучно и за тоа мора да се сноси одговорност, мора да одговори и обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор, изјави денеска министерот Спасовски по презентацијата на возилата за брза интервенција за потребите на специјалните единици во Полицискиот центар во Ѓорче Петров.

Посочи дека за таквите прекини на издржувањето на казната затвор се известуваат веројатно Агенцијата за извршување санкции и Казнено – поправните установи. Ние, подвлече, како МВР не добиваме такви информации, а не се ниту задолжени да не информираат.

– Ние дознаваме во моментот кога тие бараат да го пронајдеме. Тоа покажува колку овој систем е нефункционален, па би рекол можеби и корумпиран, затоа што јас не знам од кој аспект се цени одлуката и тоа како предлог што се дава одредена личност да биде пуштена на прекин на казна, рече министерот Спасовски.

Тој упатил апел до сите институции сериозно и одговорно да ги разберат пораките од јавноста дека правдата мора да ја постигнеме сите заедно.

– Правдата не може да биде една институција. Кога говорам, говорам со факти, не може еден ден да ги апси МВР, да спроведува истраги, да води предистражни постапки, за утредента да ги видиме на слобода заради тоа што некој судија или обвинител одлучил на таков начин. Разбирам дека притворот не смее да биде казна, разбирам дека постојат низа мерки на индиции кои може да се изрекуваат, меѓутоа мора да биде во остварувањето на интересот на државата и на граѓаните, нагласи Спасовски.

Прашан дали во судството е потребен ветинг, Спасовски дециден дека во судството е потребен и ветинг и кривична одговорност.

– За вакви случаи Јавниот обвинител треба да подигне истрага против некој судија и против некој обвинител и да се докаже што е поврзаност во однос на ваквите случаи. Дали има врска помеѓу оној што е осуден, помеѓу лекарите кои тоа го прават, дали има врска помеѓу обвинителот и судијата итн… Конечно ваквите работи мора да се расчистуваат ако сакаме навистина да имаме држава што ќе ги остварува првичните интереси, а тоа е да имаме правда во државата, рече министерот Спасовски.

На прашањето дали е изненаден од сведочењето на Зоран Верушевски и во какви односи е со него Спасовски одговори дека има добри односи со Верушевски, како што има и со сите луѓе кои работат во Владата.

– Во однос на сведочењето, го немам ниту видено до крај тоа што го слушнав од медиумите. Сигурно тој најдобро знае што треба да каже пред судот, рече министерот за внатрешни работи Спасовски.

Поранешниот специјалец Спасов е осуден на казна затвор 14 години за убиството на Мартин Нешковски, а кое се случи вечерта по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламетарните избори.

Казната затвор ја издржува од 2011 година, а во прекин му е од лани поради здравствени проблеми.

Тој требаше да се јави во Затворот „Идризово“ на 18 октомври. Спасов од минатиот понеделникот се бараше на територија на државата, но откако истражните органи не го пронајдоа и немаа никаква дојава за него, од минатиот вторник доцна попладнето МВР распиша меѓународна потерница по него.

Би можело да ве интересира

Пронајдени седум мигранти на патот Валандово – Струмица, шест Кубанци се обиделе илегално да ја преминат границата со Грција

Ана Ололовска

ВИДЕО: Војска пристигна во „Охис“ по излевањето на високотоксична хемикалија

Габриела Димковиќ-Мишевска

Спасовски: Во континуитет работиме на сузбивањето на криумчарењето мигранти

Ана Ололовска

Спасовски: Изборите нема да го пролонгираат ветингот во МВР

Ана Ололовска

Спасовски: Да не шпекулираме за бегството на Спасов, истрагата нека ја утврди одговорноста

Ана Ололовска

По секој инцидент скопјани бараат враќање на маалските полицајци, од МВР само ветувања

Маја Илиевска-Пачемска