Вечерва Советот на ЕУ даде „зелено светло“ за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, соопшти чешкото претседателство со ЕУ.
Амбасадорите на земјите-членки ги договорија преговарачките рамки за двете земји, со што се создадени услови за првата меѓувладина конференција за пристапување, што ќе се одржи во вторник во Брисел.
На таа конференција ќе бидат прогласени за отворени преговорите со двете земји, а потоа и т.н скрининг процес длабинска анализа на законодавството на двете земји и степенот на нивната усогласеност со европското законодавство.
„Советот на ЕУ штотуку даде согласност за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Направивме важен чекор кон приближување на Западен Балкан до Европската Унија. Ова е голем успех на нашето претседателство“, напиша чешкиот премиер Петр Фиала на Твитер.
Усвоени се и преговарачките рамки за Северна Македонија и за Албанија.
Чешкиот премиер вели дека утре во Брисел ќе се сретне со лидерите на двете земји за да разговараат за следните фази на патот кон Унијата.