Во рамки на Проектот за младинско изразување финансиран од Европската Унија, Младински образовен форум (МОФ) го промовира Советодавниот сервис за права на млади. Овој младински сервис, кој е достапен на www.servismladi.mk, цели да обезбеди советувања и поддршка за младите како полесно да ги остварат своите права и како да ги разберат демократските процеси и правните механизми кои им стојат на располагање за нивна заштита на нивните права.
– Преку начинот на кој работи, Сервисот ќе ги мотивира младите да прашуваат и да бараат решенија преку кои ќе можат да ги заштитат своите права и уште поважно, сајтот креира платформа за младинско информирање во областа на правото и правните процеси, се вели во соопштението од МОФ.
Оттаму посочуваат дека советодавниот сервис за права на млади нуди информирање и советување на младите во неколку категории, и тоа: прашања и проблеми поврзани со средното образование, високото образование, но и млади и комуникација со органи и институции на локално и национално ниво, во области од нивниот секојдневен живот.
На Советодавниот сервис младите можат да се обратат и да побараат решение преку поставување на прашање кое пристигнува директно до тимот на младите советници, а одговор ќе добијат во рок од пет работни дена. Прашањата можат да се поставуваат на македонски и албански јазик, на копчето „Постави прашање“ со пополнување на неколку полиња по што прашањето е веднаш проследено до тимот.
Значајно е, велат од МОФ, тоа што прашањата се поставуваат анонимно или со име/псевдоним во зависност од опцијата која ќе ја изберат, а одговорите од советниците не содржат лични детали, ниту пак информации преку кои може да се идентификува лицето кое го поставува прашањето.
– Освен да постават прашање, на платформата младите можат и да ги видат претходно поставените прашања и да се информираат на теми кои може да им бидат корисни и ги засегаат. Во рамки на страницата посетителите ќе можат да најдат и публикации, истражувања и колумни изработени од млади или кои се однесуваат на младите и младинските права и прашања. Страницата е лесна за користење и следење, а секој кој е засегнат може веднаш да се обрати, соопштија од МОФ.