Изнаоѓање решенија за надминување на проблемите со нарушувањето на безбедноста на фудбалските натпревари преку конструктивни предлози и дијалог, имаше за цел работилницата што се одржа денеска во организација на Фудбалската федерација на Македонија, а на кој учествуваше и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, претставници на навивачките групи, клубовите…
Специјализирани припадници на МВР кои би се грижеле за безбедноста на спортските натпревари, присуството на навивачките групи за време на целиот натпревар, поголема ангажираност на припадници на приватните агенции за обезбедување, како и формирање редарска служба во самите навивачки групи биле само дел од прашањата за кои дискутирале учесниците на состанокот.
– Средбата би ја оцениле како повеќе од корисна, затоа што беа отворени многу прашања за кои очигледно постои простор за подобра координација. Низ дискусијата со претставниците на навивачките групи дојдовме до одредени заклучоци, имаше сугестии од нивна страна и препораки за нас кои се прифатливи, а се однесуваат на третирање на проблематиката за одржување на спортските натпревари. Во таа смисла можам да кажам дека за нас е прифатлива нивната иницијатива за специјализирање на лица во МВР за спортската проблематика. Иницијативата е добра, ќе направиме анализа во однос на тоа дали да се оди со посебна организациска единица или само со тимови или поединци, но секако дека предлогот и сугестијата ќе ги прифатиме, истакна Јанкулоска по средбата.
Навивачките групи побарале подобра координација во однос на тајмингот на нивно влегување и излегување од стадионите, односно истакнале дека треба да бидат присутни во текот на целиот натпревар, што како што посочи таа е прифатливо барање. Имало и предлог за процесот на организација на натпреварите во смисла на подобра координација со МВР во делот на проценка за бројот на обезбедувачи од приватните агенции или редари кои можат да придонесат за поголема безбедност, односно да создадат услови во кои МВР не би имала потреба да реагира.
– Нашата цел денеска беше да разговараме за отворените прашања и да бараме решение за нив за да создадеме атмосфера на спортските терени каде што се повеќе ќе се враќа публиката, а единствена грижа на спортистите ќе бидат постигнатите резултати. Мојата главна поента кога станува збор за спортот е дека се до оној момент додека сите ние заедно како претставници на МВР, клубовите, навивачките групи јасно и недвосмислено не го осудиме насилството на спортските натпревари за кое не постои никакво оправдување ќе имаме проблем и со спортските резултати и со присуството на публиката на терените. Верувам дека после оваа средба ќе има прогрес на овој план и работите кои ги договоривме низа заедничка дискусија ќе бидат реализирани, истакна министерката за внатрешни работи.
Посочи дека било разговарано и за фактот дека одговорноста за спортскиот натпревар ја има организаторот на натпреварот. Ако станува збор за натпревар од националното првенство, рече, тоа е клубот, кој е домаќин, ако е натпревар на националниот тим одговорна е Федерацијата, така што во тој дел треба да се направи реална проценка колкава е потребата од присуство на припадници на приватните агенции за обезбедување за тие да ги имаат на располагање ресурсите кои се потребни зависно од степенот од ризик на натпреварот.
Претседателот на ФФРМ Илчо Ѓорѓиевски се согласи со ставот дека ваквите состаноци се од големо значење за подобрување на вкупните состојби во фудбалот во Македонија од безбедносен аспект.
– Отворено се разговаше за сите проблеми, за сите решенија со кои би можело да се подобри ситуацијата со безбедноста на стадионите и враќање на публиката на трибините. Членовите на навивачките групи имаа конструктивни забелешки кои ние како ФФМ ќе ги земеме предвид и од наша страна ќе преземеме мерки да придонесеме за уште поголема безбедност на нашите стадиони. Предлозите беа конструктивни и дијалогот мислам дека во значителна мерка ќе ги подобри релациите меѓу сите инволвирани страни, односно навивачките групи, клубовите, МВР, ФФМ…, истакна тој.
Според статистиката на МВР на спортските терени во текот на оваа година се случиле 34 инциденти, од кои 19 во Скопје, а останатите во најголем дел во Тетово, Штип, Охрид и Битола. Регистрирани се и повеќе кривични дела и поднесени се вкупно 12 кривични пријави, а учесници во инцидентите биле од сите навивачки групи.