Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, по повод Меѓународниот ден на детето, денеска донираше постелнина на Клиниката за детски болести во Скопје.
– Можеме со право да кажеме дека Република Македонија ги поддржува ги развива детските права како граѓански, така социјални, културни и здравствени. Донацијата финансиски целосно е поддржана од почесниот конзул на Македонија во Измир, Турција, Гаја Акчан во соработка со генералниот конзул на Македонија во Истанбул, Зерин Абаз, изјави Иванова.
Таа изрази надеж дека со оваа донација, како што рече, барем малку ќе ги осветлиме овие денови на децата кои се згрижени и се на лекување на Детската клиника.
– Единствена желба која ја имам на овој Меѓунаден ден на детето е што поскоро овие деца да се излечат, да ја напуштат Клиниката и да се вратат во прегратките на своите родители, баби и дедовци, во школските клупи, да имаат и натаму безгрижно детство. Често пати кажувам дека вреди да се изодат и милион чекори за да добиете една детска прегратка, една детска насмевка, еден детски бакнеж и мислам дека ќе успееме во тоа, додаде сопругата на претседателот, Маја Иванова.
Генералниот конзул на Македонија во Истанбул, Зерин Абаз истакна дека е многу среќна што е вклучена во една ваква хуманитарна акција.
– Децата ни се нашата иднина и секогаш треба да се инвестира за нив, во областа на образованието, во здравството итн. Тоа се најголемите инвестиции кои во иднина ќе си го дадат плодот, додаде Абаз.