Би сакал на еден ден по постигнувањето на договорот за декриминализација на клеветата, иницијатива која Владата на барање на македонското Здружение на новинари ја прифати за дискусија, најпрвин да се заблагодарам на конструктивниот и одговорен пристап кој го вложија сите засегнати страни кои беа вклучени во овој процес, особено да ја истакнам енергичната заложба на Здружението на новинари на Македонија и нивната волја за постигнување на напредок во процесите, како и да се заблагодарам на претставниците на Европската Комисија кои со својот пристап и сугестии и поддршка на процесот, имаа голема улога и голем придонес во создавањето на рамка и ефект за подобрување на процесите чиј резултат е токму постигнатиот договор.
Дозволете ми да го поздравам овој договор, со кој се прави еден значаен исчекор, кој дури ни во некои од најразвиените европски држави не е се уште пракса. Со овој договор се овозможува клеветата да не се третира повеќе како кривично дело предвидено во Кривичниот законик, односно се иззема од истиот, и се брише досега предвидената затворска казна како санкција за сторена инкриминација и ова е суштински исчекор кој дополнително ќе им помогне на новинарите при вршењето на својата професионална дејност. Овој квалитетен резултат, кој е позитивно оценет од сите засегнати страни во процесот, вклучително и на Европската унија, е епилог на еден посветен дијалог, размена на квалитетни аргументи и отворен пристап од двете страни чија основна интенција е подобрување и унапредување на состојбите во оваа значајна сфера.
Во овој договор, колку и некој да сака несовесно да го проблематизира, се внесени најдобрите практики од земјите во регионот, а како база се користени и најдобрите меѓународни практики, како и советите на специјалните советници од Советот на Европа. Оттука, треба да сме охрабрени и горди на постигнувањето на еден ваков значаен договор, кој јас го гледам само како едно ново светло врз позитивните процеси во државата, не само на домашен туку и на меѓународен план, посебно по серијата на полемики кои се појавија во врска со слободата на медиумите, и ова треба да не мотивира дополнително за да продолжиме понатаму. Дијалогот секако мора да продолжи и за сите останати прашања кои ги засегаат новинарите, и ние како и досега сме отворени и подготвени за тоа.
Иако Владата и јас како нејзин претседател немаме ингеренции и законска надлежност за решавање на овие работи, би сакал да се произнесам и за уште едно прашање кое е во доменот на медиумите, а е поврзано со одлуката за одземање на дозволата за работа на телевизијата А2, која ја донесе Советот за радиодифузија кое е независно регулаторно тело избрано од Собранието на Република Македонија.
Разбирајќи ги чувствата на лицата кои досега функционирале во телевизијата, и свесен за обврската на членовите на Советот за радиодифузија за дословно почитување на законските норми, би истакнал дека законските одредби треба да се почитуваат од секого, без исклучок, и без внимание на било каква припадност, без разлика во сферата или пак дејноста на која се однесуваат, а телата кои одлучуваат за почитувањето на законот тоа треба да го прават врз основа на правни и законски аргументи, и тоа секако да го прават неселективно и врз основа на закон и принципи. Апелирам до засегнатите страни да не се обидуваат со политизација и свесно погрешно толкување да се руши имиџот на државата. Исто така, апелирам до засегнатите страни доколку постои реакција и несогласување со оваа одлука на Советот да ги искористат сите правни мерки и механизми и да ги презентираат сопствените ставови пред надлежните институции низ соодветната законска процедура и предвидените прописи.
Сакам јасно и недвосмислено да потенцирам дека Владата на Република Македонија и во идниот период ќе биде отворена за соработка со претставниците на новинарската фела, со Здружението на новинари на Македонија, со синдикатите, и со сите новинари, во насока на подобрување и унапредување на процесите кои ќе значат подобри услови за вршење на дејност, изразување и работа. Посветени сме да ги ислушаме сите предлози за нов квалитет во сферата, и тоа во сите области од интерес на новинарите во врска со правата од работен однос, можностите и ресурсите за работа, и останати прашања кои би биле истакнати.
Декриминализацијата на клеветата е значаен чекор напред кон остварувањето на европските стандарди кон кои се стремиме, и добар модус дека со отворен и аргументиран пристап може да се постигне напредок, и верувам дека и во иднина дијалогот ќе донесе и нови резултати.