Собранието расправаше за вториот ребаланс на Буџетот, седницата продолжува утре

Од:

Пратениците и во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 20-тата собраниска седница расправаа за вториот ребаланс на Буџетот во кој се планирани средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки во висина од 470 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19. Седницата, како што информира претседателот на Собранието Талат Џафери, продолжува утре во 12 часот.

Власта и опозицијата и на четвртиот ден од расправата продолжија со меѓусебните обвинувања за неопходноста на ребалансот и дали четвртиот пакет мерки ќе ги даде очекуваните резултати. Опозицијата смета дека власта не ја менаџира добро здравствената криза и оти пакетот мерки нема да ги даде очекуваните резултати, а за пратениците од мнозинството донесувањето на ребалансот е неопходно за да може што поскоро да им се помогне на граѓаните и на стопанството.

Ненад Коциќ од СДСМ во својот говор посочи дека народот ќе цени кој во услови на криза сака да помогне, а кој се обидува само да добие политички поени и опструира се.

-Точно е дека БДП се намалува за 4,4 проценти, но треба да се споредиме со другите земји и од тоа може да се види дека нашата земја е под европскиот просек. Единствено само Србија се очекува подобро да помине од нас од земјите во регионот. Со ребалансот сакаме да им помогнеме на оние кои се најзагрозени од ковид-кризата, рече Коциќ.

Тој посочи дека ниту една од капиталните инвестиции не е запрена и додаде дека, напротив, нивната реализација оди во нагорна линија.

Љупчо Димовски од СП посочи дека техничката влада безуспешно се обиде да спроведе три пакети антикризни мерки за справување со последиците од коронавирусот и додаде дека предложениот ребаланс кој, според власта, е неопходен за четвртиот пакет, е неприфатлив за пратенциите од опозицијата.

-Мерките во првите три пакети беа димензионирани и донесени со големо задоцнување и не ги исполнија очекуваните ефекти. Не стануваше збор за никаква помош, туку за условена државна позајмица. Тие ниту ги запреа ударите од пандемијата, ниту, пак, ја подобрија економијата. Реализацијата на првите три мерки е 35 отсто, а викендот без ДДВ, како најава за четвртиот сет, има за 18 пати помала реализација од очекуваната. Затоа се сомневаме и во успешноста на четвртиот пакет кој не дава надеж дека ќе закрепнат одредни дејности, рече Димовски.

За новиот пакет мерки, потенцира, има критики и од оние за кои е наменет.

Во реплика заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски истакна дека зголемувањето на јавниот долг се должи на негативните ефекти од корона-кризата и ако таа не се случеше, како што рече, немаше да има потреба да се зголемува.

-Според проекцијата на ММФ, падот на глобалната економија за оваа година е проектиран на 4,4 проценти, а на еврозоната на 8,3 проценти. Падот на нашата економија според сопствените внатрешни проекции е 4,4 проценти, а според таа на ММФ е 5,4 проценти што е во рамките на падот на компаративните држави од регионот и во светски рамки. Зголемувањето на јавниот долг се должи исклучиво на негативните ефекти од кризата. При пад на економската активност, а со цел за брза заштита на населението и брза реакција во услови на ваква пандемија кога се затвораат голем дел од индустриите и синџирите на набавка, се донесоа мерки кои се финансираат од страна на централниот буџет за кои беше неопходно и задолжување, истакна Ковачевски.

Пред да биде ставен на дневен ред на пленарна седница, ребалансот ја помина расправата на матичната Комисија за финансирање и буџет. Расправата во Собранието по ребалансот, според собранискиот Деловник трае пет дена.

Со ребалансот се обезбедуваат средства за четвртиот пакет мерки со кои се очекува да се спасат 83.000 работни места преку поддршка за исплата на плати за октомври, ноември и декември во износ од 14.500 до 21.776 денари месечно. Покрај тоа, предвидено е околу 283.000 граѓани да добијат платежни картички од по 6.000 денари за зајакнување на куповната моќ и приватната потрошувачка, а за компаниите погодени од кризата наменети се десетици мерки како грантови, бескаматни кредити, државна и царинска гаранција и даночни олеснувања.

Во новиот ребаланс вупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари, расходите на 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто повеќе во споредба со иницијалниот Буџет за 2020 година, а дефицитот е позициониран на 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари се пониски во однос на планот за 2020 година.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови