Јавна консултација за Предлог законот за социјална заштита, според кој ќе се спроведува социјалната реформа во Македонија, се одржа денеска на Филозофски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. На консултацијата зборуваа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, проф. д-р Маја Геровска Митев, експерти, претставници од невладините организации и локалните самоуправи.
Министерката Царовска истакна дека за да се постават темелите и да се унапреди социјалниот систем и паричните права, јавните консултации, се од исклучително значење при носењето на овие пакет закони.
„Министерството за труд и социјална политика подготви темелна реформа на социјалниот систем и детската заштита со која се прави целосна преобразба на општеството. Со оваа реформа за 300% ја зголемуваме социјалната помош, но и нудиме ефикасни и долгорочни решенија за извлекување од сиромаштијата преку активација на работоспособните на пазарот на труд. Воведуваме детски и образовен додаток- надоместок кој освен примателите на гарантираниот минимален приход ќе можат да го користат и домаќинствата со минимална плата“, рече министерката Царовска на јавната консултација.
Царовска потенцираше дека со новиот Закон за социјална сигурност на старите лица, којшто е исто така дел од социјалната реформа, за прв пат во Македонија се воведува и социјална пензија. На овој начин им се обезбедува достоинствен живот на ранлива група граѓани во трето доба, кои поради низа околости не успеале да го стекнат условот од 15 години работен стаж за да остварат право на пензија. Право на надоместокот ќе имаат лица на возраст над 65 години кои имаат помалку од 15 години работен стаж, се државјани на Македонија и немаат имот.
Предложениот пакет закони, кои се дел од социјалната реформа, се веќе објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Во моментот тече рокот за доставувањето на предлозите, забелешките и сугестии од сите засегнати и заинтересирани страни.