Премиерот Зоран Заев вели дека со амандман ќе се интервенира во Предлог-резолуцијата за решавање на прашањето со Бугарија за да стои уставното име на земјата – Република Северна Македонија и оти за тоа владејачкото мнозинство само ќе обезбеди гласови. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе се воздржи од гласање по амандманот, според него, е затоа што тие, како што рече, ја прифаќаат реалноста, но уште стојат на ставот за непризнавање на Преспанскиот договор. Сепак, смета Заев, најважно е резолуцијата да биде донесена и да се испрати порака на единство.
– ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа реалноста, но стои се уште на своите позиции за неприфаќање и непризнавање на Преспанскиот договор, иако гледате дека одговорноста е присутна кај сите, така и кај ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што е добро за граѓаните не може да го негирате, треба да го поддржите. Ние имаме општи одредби во резолуцијата кои што без било каква промена на точка или запирка ги поддржуваме, но, истовремено Уставот е реалност и затоа парламентарното мнозинство интервенира со амандман и тоа самото ќе обезбеди гласови, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање што значи најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се воздржи од гласање по амандманот.
Заев ги повика пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива да го поддржат амандманот, затоа што, како што рече, биле и за промена на Уставот и за Преспанскиот договор заради ЕУ и НАТО интеграциите на земјава. Но, додаде Заев, повикувам за амандманот да гласа и некој од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, како што истакна, тоа е реалност во државата.
-Јас верувам дека тоа ќе им донесе добро и конечно да го направат тој пробив, за нив како политичка партија, но тоа ќе и помогне и на државата да се реалксираат работите токму по ова прашање, рече Заев.
Според него, исклучително значајно е што парламентарното мнозинство ќе поднесе амандман со кој ќе се вгради уставното име.
– Само така тоа ќе биде уставно исправен документ, а сите заедно ќе ја гласаме резолуцијата со што ќе испратиме порака на единство дека сакаме решение со Бугарија, но и оти знаеме што е дозволиво, а што не, рече Заев.