Со примопредавањето на кумството почнуваат Богојавленските чествувања во Охрид

Од:

Со свечената церемонија на примопредавањето на кумството, во Охрид почнаа последните подготовки за најмасовната верска манифестација – традиционалното осветување на водите на Охридското Езеро и фрлањето на светиот крст по повод православниот празник Богојавление –  Водици.

Свечената литургија и церемонијата на примопредавањето на кумството се одржа денеска во црквата „Свети Никола – Геракомија“, каде минатогодишниот кум Ванчо Чифлиганец му го предаде кумството за Богојавление на охридскиот стопанственик Стојан Ѓоргоски.

– Мошне сум благодарен за укажаната чест да бидам кум за Водици и празникот Богојавление. Посакувам и во иднина да продолжат ваквите активности во насока на зачувување на оваа традиција и прославувањето на големиот празник, со сите адети што го придружуваат, истакна новиот кум Ѓоргоски.

Минатогодишниот кум Чифлиганец во оваа пригода рече дека покрај сите активности и досегашни дарувања за граѓаните на Охрид, круна на неговото кумство ќе биде спомен-обележјето посветено на Богојавление – Водици, како негов подарок на Охрид што ќе го краси Градското пристаниште.

Донацијата вредна 2,5 милиони денари ќе биде изработена според авторско решение на скулпторот Ангел Коруновски, а самиот споменик ќе биде изработен во бронза, висок околу пет метри и ќе ги има автентичните карактеристики поврзани со одбележувањето на Водици во Охрид.

Централната свеченост во прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител ќе почне задутре рано изутрината, со свечени богослужби во сите парохиски цркви во Охрид и Дебарско-кичевската епархија. Потоа, големата црковно-народна манифестација се префрла на Градското пристаниште во Охрид, во чии рамки во 10:30 часот ќе бидат осветени водите на езерото и фрлен крстот.

Крстот од бродот „Александрија 2“ во езерските води ќе го фрли митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј, а се очекува бројот верници што ќе влезат во осветените води на Охридското Езеро да надмине илјада. За празникот и по третпат Црквата ќе организира групно крштевање во водите на Охридското Езеро.

Празнувањето продолжува и следниот ден, со традиционалното капење на рибарите во езерото, со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест. Како и изминатите, така и оваа година за Денот на рибарите е предвидена и богата културно-забавна програма, со греано вино, топла ракија, пржени плашици и три буриња вино за највештите пливачи кои ќе влезат во езерото. Со 3,3 тона рибна чорба, приготвена од 750 килограми риба преку спонзорство на Сандре Трповски, Охрид ќе се обиде да се впише во Гинисовата книга на рекорди, за што уште пред шест месеци е испратена пријава до седиштето на Гинис во Лондон.

Од Здружението за целосна афирмација на МПЦ „Богојавление“, кое е и организатор на манифестацијата што го следи фрлањето на крстот во Охрид, очекуваат рекорден број верници во градот на самиот празник и скокачи во езерските води, оттаму што оваа година празникот се паѓа во сабота, односно во неработен ден.

– Благодарност до стариот кум, честитки до новиот, очекуваме дека со верба и љубов во Бога, ќе помага во организацијата на сите празнувања, како во црковниот, така и во световниот живот во Охрид. Подготовките за претстојните празници се при крај, се е организирано. Имаме најави за присуство на многу делегации, амбасади, видни личности од културниот, политичкиот, економскиот живот во земјата, рече Димитар Пендов од „Богојавление“. Тој истакна дека оваа година веќе за скокањето по Светиот крст се пријавени десетина лица од Украина, Чешка, Шкотска и други европски држави.

Причина повеќе да се избере посета на Охрид за празникот Водици, според организаторите, се и намалените цени на сместувањето во охридските хотели и сместувачки капацитети, како и на услугите во рестораните, кафулињата. Ноќевање за лице со појадок за време на празниците во хотелите ќе изнесува десет евра, додека угостителите ќе одат со цени намалени и за 40 проценти, сето во насока на уште поголемо омасовување на верско-народниот собор и негово претворање во најмасовна верска манифестација во православниот свет.

Би можело да ве интересира

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион