Со амандманот за брак „меѓу еден маж и една жена“ се ограничува правото на семеен живот

Од:

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.со реакција за новиот предлог за уставни измени во кој е отстранета е дефиницијата со која регистрирана вонбрачна заедница или било кој друг вид животно партнерство се случува само меѓу маж и жена. Овие осум уставни амандмани на 20 јануари ќе се најдат на собраниска седница.

Во новиот предлог за уставни измени, отстранета е дефиницијата со која регистрирана вонбрачна заедница или било кој друг вид животно партнерство се случува само меѓу маж и жена.

„Меѓутоа, новиот предлог суштински го менува уставниот поредок во државата, со тоа што предвидува правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница да се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Во Република Македонија, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници се уредуваат прашања од суштинско значење за територијалниот интегритет, суверенитетот и функционирањето на државата. Поставувањето на семејното право помеѓу овие прашања е сосема нова материја која не беше опфатена во јавните расправи кои предходеа. Јавните расправи се однесуваа само на потребата и основаноста на уставното дефинирање на брачната (и регистрираната вонбрачна) заедница исклучиво како заедница помеѓу еден маж и една жена, а не на промена на уставниот поредок во државата и постапката за уредување на брачните, вонбрачните и семејните односи“, реагираат од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Оттаму додаваат дека тоа значи, дека предлагачот на овој начин воведува материја по која воопшто не било расправано и повторно се обидува да го промени Уставот исклучиво согласно вредностите на сопствените политики, а не и на мислењето на стручната и научната јавност која сѐ уште се нема изјаснето по ваквата формулација.

„Дефинирајќи го бракот како заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена и зголемувајќи го бројот на пратеници потребен за законско регулирање на оваа област, се ограничува правото на семеен живот. Истовремено, со овој чекор се нарушуваат принципот на еднаквост на сите граѓани, принципот на праведност, владеењето на правото, принципот на плуралност, граѓанинот како носител на суверенитетот, достоинството, индивидуалната автономија и секуларноста на државата – гарантирани со Уставот на РМ, а со тоа и правото на заштита од дискрминација, како и другите права со кои се гарантира еднаквиот третман на сите граѓани. Желбата да се зачуваат и заштитат семејните врски на традиционалното хетеросексуално семејство не се доволна основа за да се оправда различниот уставен и законски третман на истополовите (вонбрачни) парови“, велат од Мрежата.

Оттаму додаваат дека ваквите уставни измени се радикално спротивни и целосно надвор од линијата на релевантните меѓународни препораки и резолуции, каде не се укажува на потребата од уставна заштита на бракот во традиционална смисла, туку напротив, на потребата од правно регулирање на односите помеѓу истополовите партнери.

„Иако сите тие не се обврзувачки кон земјите членки, сепак ваквата радикална спротивставеност на нивниот суштински дух претставува голема загриженост за иднината на евроатланските аспирации на државата. Законското, како и уставното исклучување на истополовите партнерства (кога се доделуваат права на партнерства кои не се брачна заедница), само по себе претставува дискриминација како што и впрочем утврди Европскиот Суд за човекови права во случајот Валианатос и други против Грција (29381/09 и 32684/09). Истовремено, треба да се нагласи дека и Мислењето на Венецијанската комисија јасно наведува дека Амандманот, доколку регулира и други форми на животни партнерства покрај бракот, треба да обезбеди остварување на истото ниво на правно признавање на истополовите партнерства, како што обезбедува за различнополовите партнерства. Поинаку кажано, државата е навистина целосно слободна во дефинирањето на бракот како облик на заедница (за жал, без разлика колку таквата дефиниција е исклучувачка за ЛГБТИ луѓето), но штом започне да доделува права и привилегии кои се својствени на бракот на лица кои не се стапени во брак согласно националните закони (регистрирани вонбрачни заедници или други регистрирани облици на животни партнерства), тогаш полот и сексуалната ориентација на тие лица не смее да биде пречка за практикувањето на тие права“, се вели во соопштението од ЛГБТ мрежата.

Би можело да ве интересира

Светска банка: Економското вклучување на ЛГБТИ луѓето ќе го зголеми БДП на Северна Македонија и Србија

ВИДЕО: Над 2.000 луѓе во Грузија нападнаа ЛГБТ поворка

Предраг Петровиќ

Епископот Јаков со одговор до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Предраг Петровиќ

Костадин Костадинов влезе во војна со ЛГБТ организациите: Струмица излепена со „пречкртано виножито“

Орце Костов

Папата: Хомосексуалноста не е кривично дело, сите сме Божји деца

А1он

Англиската црква се извини поради третманот на лицата од ЛГБТ заедницата: Длабоко ни е жал

А1он