Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил продолжено кривично дело – Проневера во службата, односно дека ги присвојувал парите од благајната кои ги наплаќал од пациентите како партиципација или за приватни здравствени услуги во вредност од 1.991.240 денари.
-Осомничениот во периодот од 1.8.2024 до 30.4.2025 година како службено лице – референт-администратор шалтерски работник во Одделение за материјално финансиско работење во Сектор за материјално финансиски работи при ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил пари доверени во службата, велат од Републичкото јавно обвинителство.
Иако бил должен паричните средства кои ги наплатувал од пациентите на Отсекот за медицина на трудот по основ на партиципација и приватни здравствени услуги да ги предаде на крајот на работниот ден на благајникот на болницата со приложени дневен фискален извештај, потврда од извршена наплата преку пос терминали и каса прими, осомничениот примопредавањето во благајната го вршел со контролни фискални извештаи испечатени кон средина на работното време и не ги прикажувал реално наплатените средства за тековниот ден, а вршел и сторнирање на наплатени парични средства, иако не поседувал потпис и печат од доктор по медицина на трудот. На тој начин за себе прибавил поголема имотна корист во вкупен износ од 1.991.240 денари.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Прилеп достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека се исполнети законските основи.
Управата за финансиска полиција претходно соопшти дека поднела кривични пријави против две лица за „проневера во службата“ во прилепската болница, но оти само едно било обезбедено.