Задоволство од досегашната билатерална соработка на високо ниво, од меѓусебните односи кои се карактеризираат со пријателство и висок степен на меѓусебно разбирање и поврзаност, како и реафирмирање на словачката поддршка за македонските евроатлантски интеграции, изразија претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на денешната средба во Братислава со претседателот на Национален совет на Словачката Република Павол Пашка.
Како што соопшти собраниската прес-служба, на средбата и прва официјална посета на ниво на претседатели на парламенти на двете земји од независноста, Вељаноски и Пашка, покрај размената на прашањата поврзани со билатералните односи и заложбите за нивно натамошно унапредување, особено се задржаа на состојбите во Европската унија и евроинтегративниот процес на Република Македонија, како и јакнењето на економската соработка меѓу двете држави.
Вељаноски, кој беше придружуван од претседателот на групата за соработка на Собранието на Република Македонија со Парламентот на Словачка Соња Мираковска, искажа благодарност за принципиелната политика и поддршка на Братислава кон Република Македонија, на патот на евро-атлантските интеграции. Како политички приоритети во нашата европска агенда, претседателот Вељаноски потенцираше дека реформите и натамошното исполнување на критериумите продолжува, како и решавање на спорот за името со нашиот јужен сосед врз основа на принцип на незагрозување на националниот идентитет.
Претседателот на Националениот совет Пашка во делот на економската соработка меѓу двете земји потенцираше дека показателите се релативно позитивни и дека има можности за понатамошно унапредување на соработката.
Претседателот Вељаноски од своја страна информираше за македонските напори за привлекување странски инвестиции и за мерките кои Република Македонија ги презема за справување со последиците од светската и европската економска криза.
Во сферата на соработката меѓу парламентите на двете земји, соговорниците ја поздравија досегашната успешна парламентарна соработка и изразија уверување дека и во иднина ќе се задржи високиот степен на соработка.
Двајцата соговорници се согласија дека најдобар мост за продлабочување на соработката е образованието и дека меѓусебната поврзаност особено се продлабочува преку заедничкото негување на кирило-методиевската традиција.
Претседателот Пашка, во оваа насока за идната 2013 година, а во пресрет на одбележувањето на 1150 години од мисијата на Св. Кирил и Методиј, најави одржување бројни настани со кои ќе се одбележи овој значаен јубилеј за Словачката Република, на која го покани и претседателот Вељаноски.
Заблагодарувајќи се на поканата, претседателот Вељаноски, во насока на одржувањето на традицијата и градењето мостови на соработка, се заблагодари и за можноста македонските студенти во Словачка Република да студираат под истите услови како и словачките, се вели во соопштението.