Штипење и иритација на очите, неможност да се земе воздух, чудна миризба на изгорена гума, се само дел од работите на кои се жалат граѓаните вечерва, откако загаденоста на нивото на државата, според веб-страницата World’s air pollution, достигна 484.
Според мерните станици, најзагадено вечерва е во Битола и Скопје. Нивото на штетните PM10 честички во Битола е 390 микрограми на кубен метар, односно речиси 5 пати над дозволената граница.
Во Скопје, најзагадено е во населбата 11 Октомври, Миладиновци, Аеродром, а мерната станица кај Ректорат покажува загаденост со ПМ10 честички од дури 347 микрограми на кубен метар.
Најмалку загадено е на Водно, во Бардовци, Железара и во Сопиште.
Во Ново Лисиче не работи мерната станица, па активистите на „Екопатрола“ излегоа на терен со мобилен мерач PICO. Според активистите, нивото на ПМ10 честички во општината изнесува дури 550 микрограми на кубен метар или речиси 11 пати повеќе од дозволената граница.
Од Министерството за здравство денеска изјавија дека нема да воведуваат вонредни мерки за спречување на здравствените последици од загадувањето, туку дека ќе вршат анализа кои се ризични категории на граѓани на кои најмногу може да им наштетат ПМ10 честичките.
И додека надлежните институции сè уште немаат излезено со конкретни мерки и чекори против енормното загадување, граѓаните масовно бараат решавање на долготрајниот проблем кој се чувствува секоја зима, а остава сериозни последици по здравјето.
Мери Јордановска