Организацискиот одбор на Скопје Прајд најави дека овогодишната Парада на гордоста ќе се одржи на 20 јуни 2026 година во Скопје, под слоганот „Сите нека знаат / Let Everyone Know“.
Во соопштението, организаторите оценуваат дека годинашниот месец на гордоста се одвива во услови на длабока политичка и општествена несигурност, обележана со глобални конфликти, климатска криза, инфлација, насилство и нефункционални институции.
Според нив, ЛГБТИК+ заедницата во земјава се соочува со засилен јавен и институционален говор на омраза, уназадување на веќе стекнати права и нормализирање на политики што различноста ја претставуваат како закана.
„Скопје Прајд останува потребен затоа што условите што ја создадоа потребата за јавно и гласно присуство сè уште постојат и продолжуваат да го отежнуваат правото на достоинствен живот“, велат од Организацискиот одбор.
Оттаму посочуваат дека слоганот „Сите нека знаат“ е порака против замолчувањето и системското бришење на ЛГБТИК+ луѓето од јавниот простор, културата и колективната меморија.
Собирањето на учесниците ќе започне во 18 часот кај Фонтаната во Градски парк, а маршот ќе стартува во 19 часот. Поворката ќе се движи по булеварот Илинден, улицата Рузвелтова, булеварите Партизански одреди и ВМРО, како и по улицата Димитрије Чуповски, со завршница во Жена парк – Борец.
Организаторите велат дека изменетата и проширена рута не е само логистичка промена, туку и политичка порака дека јавниот простор им припаѓа подеднакво на сите граѓани.
Во однос на безбедноста, од Одборот информираат дека и оваа година се во координација со МВР и полицијата, со цел настанот да помине безбедно и во најдобар ред.
