Скопје и Атина различно го интерпретираат напишаното

Од:

И македонската и грчката страна тврдат дека досега е направен исклучителен напредок во преговорите за решавање на спорот за името, но одложувањето на најавениот телефонски разговор меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас ја разбранува јавноста во двете земји и ги подгрева шпекулациите за тоа кога би се случил разговорот или пак би се реализирала средбата меѓу двајцата лидери во Мала Преспа, како што претходно беше најавувано како можност. Разлики меѓу Скопје и Атина постојат во интерпретацијата на договореното.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера презентирајќи ги реформите во Планот 18 со кои Македонија треба да продолжи да ја гради својата европска перспектива се осврна и на прашањето за името, потенцирајќи дека наредните часови се клучни за исходот, но при тоа не прецизираше каков ќе биде тој. Нагласи дека прерано е да се каже дали ќе биде позитивен или негативен.

– Сметам дека ова се последните метри на еден 25-годишен маратон. Обично последните метри се најкритични, кои можат да го утврдат исходот во позитивна или негативна насока, рече Османи.

И додека двете страни изразуваат оптимизам, тврдат дека ова е најдалечната точка до која двете земји некогаш стигнале во решавањето на 25-годишниот спор, Османи вчера истакна дека според неговата проценка разликите се повеќе во интерпретацијата на напишаното, отколку во генералните принципи што ги искажуваат страните во разговорите.

Откако јавноста и медиумите во двете земји броеја денови и часови до телефонскиот разговор или средба Заев-Ципрас, македонското Министерство за надворешни работи завчера излезе со став дека квалитетот е побитен од роковите.

– Квалитетот на текстот на договорот и потребата од постигнување на трајно и одржливо решение прифатливо за двете страни, се далеку поважни од потребата процесот да се финализира во каков било рок, нагласи МНР во своето соопштение.

На соопштениете на македонското Министерство вчера реагираше грчки владин претставник, кој за грчката новинска агенција АНА-МПА изјави дека всушност се играат некакви игри.

– Имаме добар договор на маса, што, како што рече премиерот на ПЈРМ, треба набргу да се затвори. За жал некои инсистираат да играат игри, вели владин претставник, коментирајќи го соопштението од македонското МНР.

Во меѓувреме продолжува меѓународната поддршка за решавање на спорот за името.

Откако помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел, изјави дека САД продолжуваат да играат тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, со став излезе и Стејт департментот.

– САД продолжуваат да ги поддржуваат разговорите што се во тек под покровителство на ОН за решавање на прашањето со името. Ги охрабруваме лидерите на двете земји да најдат заемно прифатливо решение во интерес на евроатлантската интеграција, на економскиот просперитет, на мирот и стабилноста во регионот, изјави функционер од Стејт департментот за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Негодување со политиката што Владата на Ципрас ја води во преговорите вчера повторно изрази опозициската Нова демократија.

– Владата прифаќа македонски јазик и македонска националност, а тоа воопшто не е сложено име, вели потпретседателот Костис Хаѕидакис.

Хаѕидакис ги повтори позициите на неговата партија, дека е потребно „справување со иредентизмот во Скопје, уставна ревизија и да има комплетно и конечно решение“.

– Се согласуваат да постои македонски јазик и да постои македонска националност. Што значи, овде воопшто не ни постои сложено име. Постои само Македонија за јазикот и за националноста. Според тоа, за името, за кое што разговараме постојано, дури и Централна Балканска Република да се викаат, од моментот кога долу пишува македонски јазик и македонски националност, што разговараме понатаму?, вели Хаѕидакис.

Потпретседателот на Нова демократија ја обвини владата и во однос на тоа дека не ја известува опозициската партија за текот на разговорите, па тие, „многу повеќе дознаваат од Скопје“.

Договорот е на околу 20 страници, а во него се споменати сите прашања: иредентизмот, уставната ревизија, ерга омнес, името и развивање на агенда за соработка, како и временскиот рок во кој ќе се имплементира сето тоа.

Релативно јасна е временската рамка која беше договорена претходно на ниво на министри за надворешни работи, а по која работни групи од двете министерства се состануваа во Атина за да ги договорат деталите.

Најпрво Заев и Ципрас би го потпишале договорот, по што ќе следува негова ратификација во Парламентот. Откако тоа ќе се случи Грција би ги откочила поканата за членство во НАТО и датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Наесен би имало референдум за решението на кој како што најави и самиот Заев граѓаните би го имале последниот збор. Потоа би следувале уставните измени кои ги бара грчката влада за компромисното име да стане и за внатрешна употреба.

Би можело да ве интересира

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Ана Ололовска

„Жито Лукс“ се правда: Зборот Македонија е избришан поради унифицирање на името на фирмата дома и во странство

Маја Илиевска-Пачемска

„Жито Лукс“ ја избриша Македонија од Статутот, купувачите најавија бојкот на производите до банкрот на компанијата

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Димитров сугерира разрешување на Мизрахи, Министерството не е нејзин приватен стан

Ана Ололовска

На бугарскиот граничен премин „Ѓуешево“ се уште се користи „ПЈРМ“

Драган Поповски