Голем број отворени прашања произлегоа по денешната одлука што ја соопшти Државното јавно обвинителство кое донесе одлука да ги преземе сите предистраги,
истраги и обвиненија што во моментов ги застапува Специјалното јавно обвинителство. Јавниот обвинител Љубомир Јовески не одговара на повиците за да образложи како ќе се спроведува овој деликатен процес, што ќе се случува со обвинителите ангажирани во СЈО, но и со сите останати вработени.
Ваквата одлука беше донесена откако специјалната обвинителка Катица Јанева, пред два дена од притвор во затворот Шутка, испрати писмо-полномошно со кое го овласти Јовески да ги преземе сите предмети од СЈО пред истекот на нејзиниот мандат на 15 септември, за тие да не пропаднат.
На овој чекор експертите гледаат различно – дел од нив се согласуваат со ваквата постапка, со оглед на тоа што под знак прашалник е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе гласа или не за новиот Закон за ЈО, па на ова се гледа како на последна шанса да се спасат предметите на кои се работело со години, а во нив има сомнежи за сериозен криминал, корупција и незаконски одлеани милионски суми од државната каса. Дел од експертите пак сметаат дека партиите мора да се согласат СЈО да ја задржи автономноста при постапувањето, а притоа да биде соодветно интегрирано во рамките на Јавното обвинителство.
Сепак, се поизвесно дека со ова се става клуч на врата на СЈО и згаснува институцијата во која до скоро се гледаше како на единствената алка во расклатениот правосуден систем кој може да успее во борбата со организираниот криминал и корупцијата. Довербата згаснуваше со текот на времето, кога од предметите на СЈО не се виде епилог – обвинитетите и осудените бегаа од државата, правдата ја избегна и експремиерот Никола Груевски, извесно станува дека истото ќе важи и за ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, а единствено поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески се носи и се вади од истражниот затвор во Шуто Оризари.
Сепак, најголемиот удар врз СЈО беше отворањето на случајот „Рекет“ каде што шефицата на СЈО се сомничи дека заедно со Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран
Милески Кичеец, барале пари од бизнисменот Орце Камчев за да му биде олесната неговата позиција во случајот „Империја“ како осомничен.
Сепак, остана прашањето со кој легитимитет Катица Јанева од истражен затвор може да делегира и да дава наредби за преземање на предметите и дали
постоеше друг начин да се реши ова прашање.
Она што е нејасно е и што ќе се случува сега со обвинителите и со вработените во Специјалното јавно обвинителство. Тие сега би требало да бидат вратени на
позициите на кои работеле претходно, како на пример во скопското Основно јавно обвинителство, од каде ќе немаат ингеренции да ги водат предметите што
ги воделе претходно, во СЈО. Тоа би значело дека сосема нови обвинители треба да се запознаат со предметите, да ги проучат и да ги водат, што ја отвора можноста
за нивно застарување, со оглед на тоа што процесот би траел долго. Единствена што ги исполнува законските услови да ги работи предметите на СЈО во ЈО е обвинителката Лиле Стефанова.
Шест обвинители би се вратиле во скопското јавно обвинителство меѓу кои Гаврил Бубевски, Фатиме Фетаи, Трајче Пеливанов, Артан Ајро, Ленче Ристоска… Обвинителите Љубимир Лапе и Бурим Рустеми во кумановското јавно обвинителство, а обвинителката Лиле Стефанова во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Отворено е прашањето кој ќе ги застапува постојните обвиненија. Правници за „А1он“ велат дека не може сите обвиненија на СЈО да бидат делегирани во Организиран криминал. На пример, предметот за викендичките на Латас, „Тревник”, за „Насилството во општина Центар“, би биле делегирани во скопското обвинителство.
Сепак, кога и како би се презеле овие предмети и кои ќе ги работи и дали снимките од прислушуваните материјали смее да ги поседува друга институција освен СЈО, од Јавното обвинителство засега нема одговор.
„Ваквиот став е заснован на уставната положба на Јавното обвинителство како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела
и на други со закон утврдени казниви дела, начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење,
ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста
на кривично-правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото“, пишува во образложението на Јавното обвинителство.
На новонастанатата ситуација се противеше професорот Гордан Калајџиев, како член на работната група која вчера и денеска дискутираше иднината на СЈО и преземањето на предметите од страна на Државното обвинителство.
„Калајџиев беше осамен во ставовите“, изјави министерката за правда Рената Дескоска, откако Калајџиев обвини дека намерата е СЈО да згасне.
Поради скратените рокови се очекува законот за ЈО кој треба да ја реши и судбната на СЈО да биде донесен до крајот на идната недела. За да биде усвоен предлог законот за јавно обвинителство потребно е двотретинско мнозинство од пратениците. Носењето на законот е клучен за евроинтеграциите на земјава.
Неизвесно е дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го гласа овој закон, па оттаму, најверојатно, ова се смета за преодно решение со цел да се одржат во живот предметите
за висока корупција на кои се работеше неколку години.