Вкупно 142 лица се обвинети во предметите на специјалното јавно обвинителство, а најчестото дело за кое се гонат обвинетите е злоупотреба на службената положба и овластување, покажа првиот преоден извшетај на ОБСЕ за активностите и предметите на СЈО, за периодот од септември 2015 до јануари 2018 година.
Во извшетајот се наведува дека пред СЈО се водат 20 предмети, и тоа 3 се поврзани со скандалот со прислушување против наводните автори на нелегалното прислушување и 17 предмети кои произлегуваат од прислушуваните разговори и наводните кривични дела кои беа откриени со пресретнатите комуникации.
СЈО од Јавното обвинителство презеде четири предмети – „Монструм“, „Пуч“, „Сопот“ и „Шпион“.
Во извештајот стои дека за 20 истраги на СЈО се подигнати обвиненија заклучно до 30 јуни 2017 година во кои се опфатени 142 обвинети, вклучително и 7 компании. 20 обвиненија се потврдени до крајот на јануари годинава, едно е делумно потврдено, а СЈО во моментов води 12 истраги.
Најчестото дело кое се гони од страна на СЈО е злоупотреба на службената положба и овластување (9 случаи). Други клучни дела кои ги гони СЈО се злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања, повреда на избирачкото право, злоупотреба на постапката за јавен повик, даночно затајување, примање награда за провизаконско влијание. Во два случаи се наведува постоење широки криминални мрежи кои се изведуваат преку криминално здружување.
Васко Маглешов