Со изведување на материјални докази денеска продолжи судењето за изборните нерегуларности „Титаник”.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова пред Судечкиот совет во Кривичниот суд ги презентира доказите за случајот, изработени лични карти, барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и останати документи.
За еден од главните организатори за изработка на лажни лични карти е обвинет разузнавачот Мунир Пепиќ кој во 2013 година работел во полициската станица Беко каде и се издавала личната документација.
Според обвинението личните карти биле изработувани по налог на тогашни високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ за потребите на партијата за локалните избори во 2013 година.
Ова е четврто рочиште на кое обвинителството ги презентира материјалните докази. Од вкупно 5 илјади до сега изведени се повеќе од 2 100 материјални докази.
Претходно, во оваа фаза од постапката обвинителството на повеќе од 10 рочишта како доказен материјал презентираше телефонски разговори и СМС пораки кои произлегуваат од нелегално прислушуваните разговори кои беа предадени на СЈО од страна на поранешната опозиција предводена од актуелниот премиер Зоран Заев.
Во разговорите и СМС пораките кои беа презентирани во судницата најчесто се споменуваше и се слушаше гласот на обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Истрагата за предметот со кодно име „Титаник“ беше отворена на 12. февруари 2016 година, а на 30. јуни 2017 година е поднесен обвинителен акт против 21 лице меѓу кои експремиерот Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, ексминистрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, како и Билјана Бришковска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешовиќ и Ленка Рашајковска.
На обвинетите им се ставаат на товар делата злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата и определување на избирачите, поткуп при избор и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Виктор Јованов