Коалицијата “Сите за правично судење” ги повика надлежните служби, вклучувајќи ги судовите, Судскиот совет, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции, како и казнено поправните и воспитно поправните домови и установи, да ги преземат сите расположливи мерки кои се во нивна надлежност, а со кои би се придонело кон превенирање на потенцијална и сериозна инфекција со КОВИД-19 во установите каде се наоѓаат лица лишени од слобода.
Од Коалицијата бараат употреба на информатичко компјутерска технологија за спроведување на јавни судења без физичко присуство на учесниците во иста просторија согласно надлежностите предвидени во Законот за кривичната постапка и Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредна состојба и работењето на судовите и јавните обвинителства.
-Неопходно е да се направат напори како би се заштитило здравјето на лицата кои се лишени од слобода, а чии судења се приоритетни и се одржуваат со нивно физичко присуство во судницата, како и да се заштити здравјето на лицата вработени во затворските институции и здравјето на семејствата на овие лица. Во овој контекст, Коалицијата истакнува голема загриженост поради случајот на починат притвореник кој бил инфициран со КОВИД-19, што упатува на зголемена потреба од проактивност, соодветна координација помеѓу институциите и службите, соопштија од Коалицијата.
Од „Сите за правично судење“ во оваа насока го пренесуваат и обраќањето на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации во кое се повикуваат државите
да ги преземат сите неопходни чекори за да го заштитат здравјето и животот на лицата кои се во притвор и други затворени установи, здравјето на нивните семејства кои доаѓаат да ги посетат, како и здравјето и животот на лицата вработени во овие установи и нивните семејства.