Како ќе се одржуваат судења со десетици обвинети за време на пандемија, реагираат правниците

Од:

Откако бугарскиот и грчкиот Врховен суд препорачаа одложување на јавните расправи и судења за еден месец поради коронавирусот, со реакција се јави невладината Коалиција за правично судење, која бара земјава да спроведе слични мерки.

Со писмена реакција се јави и адвокатот Јовица Страшевски, кој тврди дека во Кривичниот суд не се спроведуваат никакви мерки за заштита и превенција од вирусот.

„Во Кривичниот суд ниту се спроведуваат некои мерки, ниту се дезинфицираат судниците, ниту се прави некаква контрола на лицата што влегуваат во суд, а под полна пареа се одржуваат десетици судења. Нема евиденција кој судија или обвинител бил на некое патување или имал контакти со лица кои се во ризична категорија. Во текот на вчерашниот ден еден адвокат кој бил на службено патување во ризичен регион присуствуваше на судење, а денес една од обвинетите не дојде на судење поради тоа што нејзиниот сопруг бил во карантин“, вели тој и апелира Министерството за здравство да даде препорака до судовите да држат само судења кои се од итен и неодложен карактер.

Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата за правично судење, вели дека има случаи со голем број обвинети и дека во овој период, ситуацијата треба да се стави под контрола.

„Одложувањето на судењата треба да биде идеја за нашите надлежни, имајќи предвид дека на пример веќе следнава недела 3 дена континуирано по ред е закажана јавна седница во Апелациониот суд Скопје за предметот „27 Април”, предмет во кој има 30тина обвинети, од кои некои од нив, со по неколку бранители. А ова е случај и со останатите високопрофилирани предмети иницирани од СЈО, каде што има поголем број на обвинети, бранители“, вели таа.

Коалицијата бара претседателите на судовите и нивната судска управа да ја информираат јавноста преку јавни соопштенија и известувања на огласните табли и влезните врати во судовите кои ќе ги содржат препораките на Министерството за здравство и СЗО во поглед на превенција на ширење на вирусот Ковид- 19.

„Воедно ги повикуваме претседателите на судовите и судската управа да направат напори за обезбедување на соодветни просторни и технички услови за одвивање на судењата (соодветна големина на просторијата во однос на интересот на јавноста за присуство на конкретното судење, овозможување на технички услови за спроведување на видео- конференции, соодветно координирање на активностите и менаџирање на распоредите за судење, дезинфицирање и функционално вентилирање на сите простории во судот итн.) без притоа да се ограничува јавноста на судењето, или поединечното право на секој граѓанин да присуствува како јавност во судница“, стои во соопштението.

Врховниот суд, велат од Коалицијата, би требало да воведе мерки на снимање и пренос во живо од рочиштата за главна расправа во судовите, залагање за зголемена примена и искористеност на информатичко- компјутерската технологија во судовите.

Судскиот совет, според Петровска, треба да преземе мерки во насока на унапредување на состојбите во судството, зголемување на угледот на судовите и довербата на граѓаните во судството, како и во насока на унапредување на ефикасноста на судството и ефективноста на начините на менаџирање на судовите и координирање на сите активности кои треба да се преземат со цел соодветно да се одговори на предизвиците, особено во вонредни околности.

„Судскиот буџетски совет да преземе мерки за финансиско зајакнување на судството и за унапредување на финансиското менаџирање, како би се овозможиле подобри технички услови за справување на судовите и судството со вонредни околности, како што е појавата на заразни болести, како и минимизирање на ризиците за појава и ширење на заразни болести во судовите“, велат од Коалицијата.

Од Министерството за правда веќе изјавија дека сите судења за кои постојат законски услови треба да продолжат.

„Се препорачува оние судења за кои има масовен јавен интерес да продолжат со редуциран број на физичко присуство на јавноста за кои треба да се овозможи алтернативен начин за следење на судењето покрај физичкото присуство. Се препорачува искористување на просториите во кои има физичко одделување на учесниците во постапката и јавноста, како и користење на други можности за информирање, како видео пренос и слично“, се наведува во соопштението.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Вкупно осум години затвор за грабнувачите на Самоил Костадиновски: Го грабнале за да му наплатат за украдена дрога

Орце Костов

Пресудата не може да опстои, лажна исправа не е изработена, вели адвокатот на сопственикот на „Беса Транс“

За несреќата надлежно е бугарското обвинителство, овој предмет е за фалсификување на исправата, вели обвинителот во предметот „Беса Транс“

Кривичен го препрати предметот против Мерко во струшкиот суд: Не биле надлежни тие, туку судот во чие подрачје се извршило делото

Судски совет утре ќе одлучува да за враќање на Шабани во Кривичен суд до завршување на „Талир“ и „Титаник“

А1он

Таткото на Вања останува во притвор: Кривичен го одби барањето на адвокатот Туфегџиќ за куќен притвор

Александар Тодески