Сите плажи на охридското крабрежје работат на диво, без договори за концесија склучени со Општина Охрид, дознава „А1он“. Ниту едно физичко или правно лице во текот на 2019 година не плаќало за користење на плажите. Од почетокот на годинава, сосе летниот период кога Охрид е преплавен со туристи, па досега, сите што ги користеле плажите имале профит од езерото, но не и обврска да плаќаат за концесија бидејќи договорите им биле истечени.
Според информации на „А1он“, последниот договор за концесија истекол во 2018 година. Оттогаш па наваму Општина Охрид нема објавено повик за стопанисување со плажите. Градоначалникот Константин Георгиевски најави дека повик за концесии ќе има во јуни, но по реакцијата на УНЕСКО и по барањето мораториум во Охрид, од Општината изјавија дека не може да распишат повик за стопанисување.
Не е познато дали инспекциите реагирале на беззаконието и стопанисувањето со плажите без договор за концесии. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, во март годинава најави дека ќе има интензивни контроли, но во текот на летото сите плажи работеа без проблем. Неисполето остана и ветувањето од април годинава кога Владата најави дека ќе ги одземе ингеренциите врз плажите. Случајот со узурпацијата го испитува и антикорупциска комисија, која побарала од Општина Охрид, но и од Општина Струга, да им ја достави целата документација за концесиите заедно со договорите од изминатите години.
Концесии за работа немаат ниту оние што сега на диво работат со струшките плажи. Од Општина Струга молчат и не одговараат на прашањата од „А1он“ за тоа дали ќе ја испратат документацијата до антикорупциската комисија, како и тоа со колку плажи се стопанисува на штета на граѓаните и општината. Останува неодговорено и прашањето зошто градоначалникот Рамис Мерко молчи и дозволува дивеење на крајбрежјето.