Кандидатот за претседател на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова вечерва од Гостивар порача дека „Македонија е се што ние имаме“.
-Не е точно дека сме ние немодерни, заостанати, традиционални. Не е точно дека денеска не е модерно да се зборува за татковината. Велат дека сме ве носеле во 19-тиот век во времето кога сите мислители повикувале или истакнувале дека секоја нација си има право на своја држава.
Татковината е неразделна од нациите. И јас кога сакам да кажам дека не сум само јас таа, и не е само претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е тој што повикува на татковината, честопати се навраќам на зборовите на преумниот, преталентираниот, чувениот Бернард Шо, Ирец.
Тој велел дека се може да смените, може да ја смените идеологијата, може да ја смените облеката, поведението ама татковината никогаш, истакна Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова на граѓаните во Гостивар им рече: „Ја чувме химната, ние кога ја слушаме химната се вознемируваме, плачеме, се идентификуваме со неа, се идентификуваме со историјата на нашиот народ, но тие како да се срамат или како да се плашат да ги испеат нејзините зборови па измислуваат пред странците на кои сакаат да им угодат заборавајќи го народот дека имало некаква техничка пречка. Па таа била причината, што не ја чул гостинот ама и премиерот химната“.
Срамота, бидејќи секој премиер, секој претседател на држава, секој претседател на Собрание па дури и секој претседател на некое здружение научно ли е, стручно ли е, спортско ли е, кога има важен настан во кој што настапува некој што ја претставува државата не го почнува без химната. Но тие и тоа го прават.
Силјановска Давкова потсети дека луѓето од власта користат празна и неразбирлива филозофија составена од три збора кажувам-заборавам-негирам.
Но ние не кажуваме, не забораваме, не негираме. Ние она што го кажуваме, го помниме, го повторуваме и го спроведуваме, нагласи Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова потсети дека власта користи една флоскула едно општество за сите граѓани, но едно општество за сите граѓани би значело едно општество на еднакви и рамноправни индивидуи.
Не, тие постојано велат дека во едно општество на сите граѓани, сите етнички заедници требало да бидат еднакви и рамноправни и дека така ќе сме живееле среќно заедно. Но тоа не е точна теза, ова општество е мултикултурно, мултиетничко, мултијазично и тоа е реалност.
Ама нивното идно општество за сите граѓани е всушност еден многу опасен феномен на бинационално општество, односно бинационална држава.
Со авторитарна власт не се оди во ЕУ, со авторитарна власт не се почнуваат преговори за ЕУ, појасни Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова се обрати и до разочараните луѓе кои верувале на власта, а не добиле ништо. Им се обрати и до оние кои што треба сега првпат да гласаат на овие избори зошто гласот на 21 април, за нејзе ќе значи глас за правдата за Македонија.
После толку кршење на Уставот и законите, после толку многу непочитување на задолжителното меѓународно право не се сомневам дека ќе го сменат Уставот и ќе го изберат претседателот во Собранието. Тоа е лошо решение. Не само за опозицијата туку и за државата, потенцира Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова додаде дека правна држава не може да вирае во амбиент на корупција, на криминал, и непотизам. Правната држава ја загрозуваат корупцијата, криминалот и непотизмот.
Затоа се вели дека во многу извештаи дека дури и суверенитетот на било која држава е под закана во услови на поплава од корупција, криминал и непотизам.
Јас ако бидам избрана за претседателка на државата, ќе се обраќам многу често бидејќи имам право најмалку еднаш во годината, ама ако ги бројам проблемите на граѓаните дали се тоа еколошки, дали се тоа проблемите на лицата со посебни потреби, дали се тоа проблеми на Ромите, за проблемите на здравствените работници, земјоделци.
Долга е листата на обраќањата на која јас се разбира подготвена со аргументи и предлози за политики ќе ги предочам најважните проблеми, додаде Силјановска Давкова.
Правото и правдата ќе дојдат со нас, истакна на крајот од средбата Силјановска Давкова.