Бизнисменот Силјан Мицевски, сопственик на компанијата „Пелистер”, на денешното сослушување на рочиштето за случајот „Меѓународен сојуз” изјави дека сумата од 720.000 евра што ја дал за проектите за домови за стари лица, не му е вратена.
Тој истакна дека ако заврши вака, ќе се чуствува измамен, додавајќи дека на една од средбите во „Меѓународниот сојуз“ му било речено оти зад проектот со домовите за стари лица стои Владата.
– На еден состанок на „Меѓународниот сојуз“ јас прашав како може да се откупи земјиште без градежно одобрение и тука ми беше кажано дека тоа е проект на Владата и ќе оди со европско знаме, изјави Мицевски, додавајќи дека не се сеќава кој точно му го кажал тоа.
Во исказот пред Судот тој уште изјави дека имал голема доверба во Бојан Јовановски.
Проектот за изградба на домови за стари лица во Битола не е реализиран заради локалните власти, изјави бизнисменот Силјан Мицевски на вкрстеното испрашување од страна на обвинетиот Бојан Јовановски на денешното судско рочиште на процесот „Меѓународен сојуз“.
– Земјиштето во Битола, е во сопственост на фирмата, не е моја лична сопственост. Тоа го купив во јавен оглас. Комуналите беа платени. Јас сум убеден дека нереализирањето во Битола, е заради локалните власти, изјави сведокот Мицевски.
Во продолжение на својот исказ тој рече дека Владата во ниту еден момент не пружила помош за реализација на овој проект.
– Од ветувањата дека Владата ќе направи нешто, немаше ништо. Ако е владин проектот требаше заеднички да го тераме. Договорот што го потпишавме не е реализиран, ниту се обезбедени документи, дозволи, ниту парите се вратени, одговори Мицевски.
Бизнисменот Мицевски, на крај на својот исказ, рече ќе барат надомест на штета и враќање на парите што ги дал во износ од, како што тврди, 720.000 евра, сума што не му е вратена.
Сведокот исто така изјави дека обвинетата Фросина Ременски, не влијала врз него, ниту врз властите во Битола за да се реализира проектот.
Со денешното испитување на сведокот Силјан Мицевски, заврши постапката на изведување на докази од Обвинителството.
Следното рочиште за случајот ,,Меѓународен сојуз” е закажено за 6 мај, кога и ќе почне постапката на изведување на материјални докази од одбраната.
Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, таткото на прво обвинетиот, Миле Јовановски и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ. Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“. Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, а Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.