Намалените цени на буковото огревно дрво од страна на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ предизвикаа голем интерес кај кривопаланчани за набавка на дрва за огрев, а подружницата на Шумско стопанство „Осогово“ располага со доволна количина дрва за портебите на купувачите, информираше денеска директорот на ШС „Осогово“ од Крива Паланка, Влатко Митовски.
– Новите цени на буковото огревно дрво кои изнесуваат 2.134 денари за метар просторен и цената на истите за лица корисници на социјална помош од 2.015 денари се многу поволни за граѓаните, а оттука е и зголемената побарувачка од почетокот на месецот. Нашето претпријатие има доволна количина дрва во стовариштата, па спремни сме да ги услужиме сите кои ќе извршат уплата, а исто така и навремено да им ги доставиме дрвата до нивните домови, изјави Митовски.
Тој нагласи дека лицата корисници на социјална помош задолжително треба да достават потврда од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во општината.
– Сите купувачи припадници на категоријата социјални случаи, кои ќе извршат уплата на потребната количина буково огревно дрво, треба да достават исправа издадена од надлежниот орган, а можат да купат најмногу 5 метри просторни буково дрво. Дополнително секој купувач ќе мора да издвои 209 денари по метар просторен за достава, утовар и истовар на дрвата, рече Митовски.
Митовски посочи дека покрај физички лица, подружницата ШС „Осогово“ од Крива Паланка, покрај со физички лица има склучено договори за снабдување со дрва со повеќе институции, а исто така дел од расположливите дрвни ресурси веќе се транспортираат во околните подружници на ЈП „Македонски шуми“ во Скопје, Куманово и Свети Николе.
– Одлуката за намалување на цените на буковото дрво е важна за сите физички лица, особено за граѓаните од ранливите категории, и истата ќе важи до 30 септември годинава, потенцираше Митовски, додавајќи оти цената на дабовото дрво останува непроменета и изнесува 2.450 денари по метар просторен.