Штитениците може да останат во „Бања Банско“ место да одат во мал групен дом, уверува Министерството за труд

Од:

Штитениците на Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“ може да останат во установата се додека не се почувствуваат подготвени да го сменат обликот на поддршка, реагира Министерството за труд и социјала откако „А1он“ го објави ставот на штитениците кои не сакаат да одат во мали групни домови и се жалат дека надлежните ги игнорираат нивните желби.  Од Министерство уште еднаш посочија дека работат по Стратегијата за деинститувионализација „Тимјаник 2018 – 2022“, која предвидува трансформација на институциите. Изминатите три години преселени од институциите се децата до 18 години, а во следните три години ќе се работи на возрасните  кои во моментов се сместени во три институции.

„За оние лица кои во моментот не се подготвени или не сакаат да го напуштат Заводот секако дека нема да се смени обликот на заштита. Тоа е така и од кога е започнат процесот на деинституционализација, односно лицата кои одбиваат или не сакаат преселба, се уште се сместени и живеат во Заводот. Секако дека во овие процеси се почитува начелото ‘Ништо за нас, без нас’ на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост“, велат од Министерството и нагласуваат дека се прават планови за оние кои се чувствуваат подготвени  и сакаат да го сменат обликот на поддршка, односно да се преселат во станбено живеење со поддршка или да живеат самостојно или да се вратат кај своите биолошки семејства.

Министерството демантира дека со децата што излегле од домот се постапува како со вреќа компири и дека се преместуваат од едно на друго место на што укажуваат штитениците од Заводот.

„Сите деца кои го напуштија Заводот се згрижени во станбена единица во Општина Битола управувана од ЈУ ‘Дом за доенчиња и мали деца’ со многу поголема грижа и индивидуализиран пристап, третмани од специјален едукатор и рехабилитатор, логопед и физијатар, согласно потребите на секое дете поединечно, што не може да се постигне во рамки на една голема институција“, велат од Министерствотот.

Малиот групен дом во кој се сместени, од Министерството објаснуваат дека е во куќа со услови за семејно функционирање и за пет деца се грижат 9 медицински сестри, физиотерапевт, двајца психолози, специјален едукатор и социјален работник. Преселените штитеници од Заводот „Бања Банско“ од Министерството велат дека имаат значителен напредок во сите сфери на психомоторниот развој, одат на школо со физичко присуство и посетуваат дневен центар, а еден од преселените штитеници има специјален едукатор.

Штитениците на Заводот за „А1он“ изјавија дека особено важно им е образованието и се пожалија дека останале со само тројца наставници иако многумина од нив тука се школувале токму поради соодветните услови што ги имале пред да стапи на сила Стратегијата поради која се преселуваат децата под 18 години.

Министерството смета дека и образовниот процес укажува на потреба од измени.

„Во делот на образованието на младинците кои посетуваат основно образование, а се згрижени во Заводот за рехабилитација Бања Банско, сакаме да нагласиме дека се работи за млади лица на возраст од 21 – 26 годишна возраст, кој се во различни одделенија ( 2-то, 5-то, 7-мо и 9-то) и се со надмината возраст за тој степен на образование, додека во моментот во ова посебно основно училиште работат 5 лица како наставен кадар. Ова укажува на потребата од менување на нештата, особено во делот на образовниот процес кој се спроведува во рамките на установите“, велат од Министерството.

Штитениците на Заводот „Бања Банско“ преку петиција бараат државата да не инсистира да ги пресели во мали групни домови оти во Заводот се чувствуваат посигурни, побезбедни и ги имаат сите потребни услови. Најавите за сместување во мали групни домови ги доживуваат како обид за растурање на единственото семејство за кое што знаат, оти многумина од нив се сместени во Заводот од бебиња.

Револтирани што немаат официјален одговор на петицијата и гаранција дека може да останат во Заводот, тие најавија дека помош ќе бараат од амбасадите и од Народниот правобранител.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа

Нема веќе предвремена исплата, пензиите како пред пандемијата

Катерина Ѓуровски

МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, да не се креира страв кај пензионерите

МТСП: Социјалните партнери постигнаа значителен напредок во преговорите за раст на платите во јавен сектор

МТСП: Во тек е исплата на образовниот додаток за трет мерен период за учебната 2022/2023 година

Ана Ололовска