Штипскиот ветеринар: Кучето Бренда беше усмртено зашто беше старо и агресивно

Од:

Гневни и револтирани граѓаните на социјалните мрежи реагираат што улично куче од Штип беше еутаназирано по новинарски прилог со наслов „Куче скитник во заложништво држи семејство“. Граѓаните бараат одговорност од медиумот и новинарката за ширење паника, но и од општината, градоначалникот, како и од Ветеринарната станица Штип.

Бренда била маалски миленик која со години живеела во старите простории на ветеринарната станица. Љубителите на животните реагираат особено по информацијата дека освен крлежи, кучето немало некое посериозно заболување.

Од здружението за заштита на животните „Анима мунди“ најавија дека ќе бараат и кривична одговорност, а познавачите и борците за правата на животните алармираат дека треба да се зголемат контролите на локалните ветеринарни станиции како и свеста за стерилизација и кастрација на животните.

„Ова ли е хуманиот третман на животните кој го вети Владата на Република Северна Македонија, сите градоначалници со што добивте огромна поддршка од љубителите на животни на избори? Ниту забрана за еутаназија, ниту полиција за животни, ниту активисти да управуваат со стационари, ниту коњите спасени, хорор сцени секојдневно на улиците – се ветивте, ништо не исполнивте“ велат од „Анима мунди“.

Од општина Штип велат дека одговорност не треба да се бара кај локалната власт, бидејќи општината има склучено договор со Ветеринарната станица Штип за заловување на уличните животни и користење на прифатилиштето кое како што тврдат е изградено по прописи на Агенцијата за храна и ветеринарство и во согласност со Законот за благосостојба на животните.

Според објаснувањето на инспекторите кои биле на терен, тие постапиле по пријава на граѓаните кои се грижеле за кучето и се пожалиле дека тоа станало агресивно. Вчера, како што велат за „А1он“ биле заловени седум кучиња и кај сите била утврдено болеста ‘лишманија’, а кај некои била во напредна фаза. Но, во случајот со ова куче, како што велат, пресудно за одлуката за еутаназија била агресивноста.

Телевизискиот прилог кој беше објавен пред да биде усмртено кучето

„А1он“ стапи во контакт и со ветеринарот Крсто Митев од Ветеринарната станица Штип кој вели дека му била многу тешка одлуката за еутаназија затоа што лично тој го лекувал кучето и се грижел за животното кое веќе било старо, болно и агресивно.

„Тоа куче е 15 години кај нас во ветеринарната станица, кога се преселивме во нови простории остана таму, старо е и исцрпено, сите соседи ми се јавија да дојдам и да го спасам. Вие не знаете колку ми е тешко мене, јас го спасив тоа куче му ја ампутирав ногата пред неколку години и сега требаше да му го одземам животот зашто е старо исцрпено и се мачи. Почна да напаѓа, веќе стана агресивно“ вели ветеринарот Митев за „А1он“.

Познавачите на состојбите со бездомните животни апелираат дека постојат начини како да се решат проблемите на овој план, но дека е потребна сериозна стратегија.

„Animal Police веднаш. Не за година, најбрзо што може. Верувајте многу работи ќе реши. Субвенции за стерилизација и кастрација на миленици и улични миленици. АХВ на терен и да казнува неодговорни сопствениц. Едукација и кампањи, масовно низ цела држава. Проверка на сите криминални ветеринарни станици во малите градови низ државата кои убиваат животни, а на тендери се пријавуваат со екстремно ниски цени за да ги срушат другите, а притоа нехумано и спротивно на закон постапуваат со животните. Никој не сака да има бездомни животни на улиците, тоа е заедничка цел и на здруженијата, активистите, властите, па дури и оние кои не сакаат животни. Ајде еднаш бар сите заедно сложно да го решиме проблемот кој ги засега сите граѓани. И монструмите што заговараат убиства раат и ние уште пораат. Најраат невините душички кои никому ништо не згрешиле, а ја имале тажната судбина да бидат малтретирани, тепани, убивани… Секој живот е важен“, пишува на „Фејсбук“ портпаролката на скопската Зоолошка градина, Тина Мицковска.

Би можело да ве интересира

Полицијата трага по 13-годишно девојче од Штип

Потребни ригорозни санкции за оние кои ги напуштаат милениците и исфрлаат легла апелираат ветеринарите

Во Штип двајца директори на државни институции поднесоа оставки

А1он

Маж од Штип е осомничен за убиство на својата партнерка

Горан Наумовски

МВР: Маж со прострелна рана е пронајден во селото Пиперово

Убиството на штипјанката Пешева да се квалификува како фемицид бараат невладите организации