Штинер: Паралелно решавање, а не условување на ЕУ- членството со името

Од:

Старт на преговорите со ЕУ и паралелно решавање на спорот за името е вистинскиот пат за Македонија, изјави за Дојче веле германскиот пратеник, либералот Рајнер Штинер.

Вели дека не може да ја разбере блокадата на евроатлантскиот пат на Македонија и оти барањето земјата да го смени името за да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО е уцена.

– Јас сум целосно на страната на Македонија. Не можам да ја сфатам грчката страна. Факт е дека Грција со години блокира и сметам дека ќе биде добро доколку европските држави и НАТО делуваат порешително. Уште подобро ќе биде доколку, пак, Македонија и натаму посилно покаже дека е посоветена на европските вредности. Последниве месеци се говори дека во Македонија во игра повторно силно се вратени националните аргументи. Ова не ја прави состојбата поедноставна, но и покрај тоа, се надевам на скора разврска, оптимист е Рајнер Штинер, гласноговорник за надворешна политика на пратеничката група на либералите во Бундестагот.

Пред есенскиот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија Штинер ја коментира и опцијата – старт на преговорите за полноправно членство и паралелни преговори за решавање на спорот со името.

– Сметам дека тоа би бил вистинскиот пат по кој треба да се чекори. Да се воспостави вид на параленост, а не условеност! Впрочем имавме и други пристапни процеси во кои имаше паралелност. Сметам дека работите може на ваков начин и да се решат, вели Штинер според кого одолговлекувањето на целиот пристапен процес може да се рефлектира и врз внатрешната стабилност на Македонија.

Тој е категоричен дека реформите кои се спроведуваат не само во Македонија, туку кај сите кандидати и потенцијални членки на ЕУ, се со цел да го подобрат животот на луѓето, да владее правната држава и пазарното стопанство, демократијата и слободата на медиумите. Реформите не се прават да им се угоди на Германија, Холандија или Британија. Штинер порачува дека и во случај на несреќно отегнување на доближувањето до Унијата, започнатите реформи мора да продолжат, што е во полза на државите кои тежнеат кон ЕУ-членство.

Германскиот парламентарец вели дека покрај ЕУ, и НАТО треба да ги отвори вратите за Македонија и оти земјите членки треба да направат поголем притисок, зашто од заеднички интерес е таа да стане полноправна членка.

– Се надевам дека Македонија ќе биде тема на наредните самити како на НАТО, така и на ЕУ. Не можам да го разберам ова одалагање, зашто Македонија го оствари бараниот напредок. До 2011 година извештаите за напредок беа позитивни. Сега има делумно измешана слика. Сметам дека е апсолутно бесмислено што поради спорот со името пропаѓа полноправното членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, забележува Рајнер Штинер.

Би можело да ве интересира

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Ана Ололовска

„Жито Лукс“ се правда: Зборот Македонија е избришан поради унифицирање на името на фирмата дома и во странство

Маја Илиевска-Пачемска

„Жито Лукс“ ја избриша Македонија од Статутот, купувачите најавија бојкот на производите до банкрот на компанијата

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Димитров сугерира разрешување на Мизрахи, Министерството не е нејзин приватен стан

Ана Ололовска

На бугарскиот граничен премин „Ѓуешево“ се уште се користи „ПЈРМ“

Драган Поповски