Шкријељ: Мизрахи го кочи младинскиот додаток од 3.000 денари за млади вработени во производство

Од:

Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, вели дека министерката Рашела Мизрахи им го кочи правото на младински додаток на речиси 4.000 млади до 23 години бидејќи сè уште не го ставила потписот на правилникот со кој се уредува оваа право. За да може младите до 23 години да аплицираат за мерката од 3.000 денари, Мизрахи треба да го потпише документот, а тие преку центрите за вработување да поднесуваат барања, информира Шкријељ.

„Министерката Мизрахи е известена веднаш кога законот излезе во ‘Службен весник’ на 27 јануари. На 3 јануари ја потсетив со допис дека треба да го потпише правилникот. Во меѓувреме, ѝ испратив и имејл, но досега нема никаков одговор ниту, пак, го вратила потпишаниот правилник“, изјави Шкријељ за „А1он“.

Шкријељ во дописот што го доставила до кабинетот на минисреката за труд и социјална политика, Мизрахи, ја известува за законската обврска што ја има како носител на таа функција.

„Собранието на Република Северна Македонија на 22 јануари 2020 година го донесе Законот за младинскиот додаток и тој е објавен во ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ бр. 18/2020. Со него се уредуваат остварувањето на правото на младински додаток, постапката, условите и висината за оставрување на правото, како и исплатата на младинскиот додаток на млади лица на возраст до 23 години. Правото на младински додаток во согласност со Законот (член 7, став 2) е предвидено да се остварува со доставување барање во надлежниот центар за вработување, а формата и содржината на барањето го пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот во согласност со министерот за информатичко општество и администрација (член 7, став 10). За спроведување на законот, односно остварување на правото на младински додаток, потребно е да се донесе и правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за остварување на правото на младински додаток, кој е подготвен и ви е доставен за потпишување. Имајќи го предвид наведеното, со цел остварување на правото на младински додаток во согласност со законот, потребно е во најкус можен рок да го потпишете правилникот заради негова објава во ‘Службен весник’ и влегување во сила“, пишува во дописот што Шкријељ ѝ го испратила на Мизрахи.

Мизрахи ги отфрли како неточни наводите на Шкријељ. Вели дека го потпишала документот и дека не го кочи процесот со кој младите може да го остварат своето право.

„Сè е потпишано од моја страна. Нема потреба од сомнеж, потпишан е документот“, кусо изјави Мизрахи на прашањето на денешната прес-конференција.

Но, Шкријељ и понатаму уверува дека документот не го потпишала Мизрахи тврдејќи дека кај неа нема ништо пристигнато.

„Кога разбрав дека министерката кажала дека го потпишала правилникот, веднаш се јавив во архивата на Министерството да прашам дали има таков документ симнат и потпишан. Ме известија дека нема. Ниту во архивата ниту кај мене не пристигнал потпишаниот правилник“, тврди Шкријељ.

Како што информира таа, Мизрахи треба до крајот на неделата да го потпише овој документ за да може младите веќе од следната недела да поднесуваат барања за остваување на правото на младински додаток.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа

Нема веќе предвремена исплата, пензиите како пред пандемијата

Катерина Ѓуровски

МТСП: Пензискиот фонд е стабилен, да не се креира страв кај пензионерите

МТСП: Социјалните партнери постигнаа значителен напредок во преговорите за раст на платите во јавен сектор

МТСП: Во тек е исплата на образовниот додаток за трет мерен период за учебната 2022/2023 година

Ана Ололовска