Шекеринска: Македонија веќе не е во изолација

Од:

Македонија веќе не е во изолација, Македонија се смета за една од ретките добри вести на Европскиот континент. Безбедноста на нашите граници повеќе не ја гарантираме само ние, туку ја гарантираат и НАТО, што неминовно носи зголемена безбедност во земјата, но и во регионот.

Ова е пораката што денеска ја изнесе вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска по повод потпишувањето во Брисел на Протколот за пристапување на Македонија во НАТО.

– Денеска стоиме на влез на иднина за која никој не можеше да претпостави пред само година и половина дека е реалност. Влезот во таа иднина е пред нас, вратата е отворена и она што сакаме да го направиме е да го направиме последниот исчекор и да обезбедиме нашата држава да биде безбедна, сигурна и просперитетна, рече Шекеринска.

Посочи дека денеска земјата е пред вратите на овој голем успех бидејќи беше донесена стратешка одлука, зад себе да остави автократско владеење и живеење во изолација.

Таа истакна дека и претставува голема чест како министерка за одбрана да ги види сите земји членки на НАТО кои на земјата и посакале топло, силно и гласно добредојде во најмоќната военополитичка Алијанса во светот.

Шекеринска истакна оти ова не е заслуга ниту само на институциите, ниту само на политичарите и пратениците, Владата и Собранието, туку ова е успех на сите граѓани на Република Македонија кои 30 години трпеливо чекале и работеле, а изминатата година и половина дале крупна промена во надворешнополитичкиот курс на земјата.

Напомена оти домашните и меѓународните инвеститори веќе нема да треба да се грижат дали нивните инвестиции се безбедни и сигурни, а граѓаните веќе нема потреба да се грижат дали безбедноста и сигурноста на државата е загарантирана.

– Нашите семејства ќе живеат со повисок стандард и со шанси за подобар живот. Ова е резултатот што го очекувавме, резултатот што го сработивме тогаш кога седнавме и се сконцентриравме на домашната агенда, кога седнавме и ја вративме одбраната во нашиот политички фокус, кога седнавме и ги почнавме разговорите прво со Бугарија, а потоа и со Грција. Ова е резултатот на сите наши заеднички напори, изјави министерката Шекеринска.

Таа изрази уверување дека генерациите што ќе дојдат по нас ќе ја ценат храброста и посветеноста на оваа генерација лидери, патриоти, на оваа генерација припадници на армијата, на оваа генерација пратеници кои донесоа одлука свртена кон иднината.

Шекеринска истакна оти потпишувањето на Протоколот не е вест само за еден ден, од утре се ќе биде различно, земјата ќе биде дел од најмоќниот военополитички Сојуз што води дискусија за сите важни политички теми во светот.

Најави дека следната недела ќе може првпат да учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО во име на Македонија и на секој граѓанин.

– Уште повеќе како прва жена министер за одбрана ќе ми претставува чест и задоволство што ќе ги претставува сите граѓани на нашата држава во овој најмоќен военополитички сојуз, изјави Шекеринска.

Им порача на граѓаните секогаш да го следат својот сон и вредно да работат во насока на негово остварување.

Таа додаде дека овој успех денеска дава само дополнителен поттик за следните предизвици со кои треба да се соочи земјата.

– Денеска не запираме. Можеби можеме само пет минути да прославиме, но нашиот фокус е на тоа што не чека денес, што треба да завршиме утре, нашиот фокус е на многу од нашите домашни обврски што до крај треба да ги реализираме. Нашиот фокус е да покажеме дека животот во нашата земја може да биде не само побезбеден, туку и попросперитетен, порача Шекеринска во врска со денешното потпишување на Протиколот за прием на Македонија во НАТО.

Би можело да ве интересира

Адмирал на НАТО до претприемачите: Подгответе воено сценарио

НАТО: Се подготвуваме за „прецизни удари“ ако дојде до војна помеѓу нас и Русија

НАТО соопшти за што разговарале Руте и Трамп

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Мицкоски: Немавме никаква дилема да ја поддржиме Шекеринска, и се јавив уште вчера

Катерина Ѓуровски