Министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири денеска се сретна со Елида Речи од Одделот за социјални и економски прашања на Обединетите нации во Њујорк, кој опфаќа развој и иновации во јавната администрација. Таа е исто така една од петте автори на „Е-влада на ОН“.
За време на состанокот, како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација, Речи изрази подготвеност да и даде поддршка на Владата и на Министерството за реформите и дигитализацијата на јавната администрација, со оглед на фактот дека ова се главните цели на овој мандат. Слична поддршка е обезбедена и за многу други земји низ целиот свет.
Министерот Шаќири ја информираше Речи за постигнатиот напредок во реформата на јавната администрација и досегашните достигнувања во процесот на дигитализација во земјата. Исто така, министерот ги истакна целите на МИОА до крајот на овој мандат и пошироко.
– Ние како институција сме секогаш отворени и подготвени да прифатиме сугестии и совети, кои само ќе помогнат во унапредувањето на нашите веќе почнати процеси и реформи во јавната администрација и дигитализација. Затоа, помошта и советот што се даваат се добредојдени, додаде министерот Шаќири.
Состанокот беше претходница на идните што ќе следат понатаму. На крајот од спроведувањето на овие реформи и процеси, најголеми корисници ќе бидат граѓаните на Република Северна Македонија, посочуваат од Министерството за информатичко општество и администрација.