Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел-дискусија посветена на дигитализација на образованието, во рамки на одбележувањето на 20-годишнината на Американски универзитет на Европа – ФОН, истакна дека Министерството за образование и наука во изминатиот период е насочено кон целосна дигитализација на сите процеси во образовниот систем.
Посочи дека се дигитализаирани голем дел од услугите што ги нуди образовниот систем, како што се запишување на учениците во основно и средно образование, во Спортската академија, нострификација на дипломи стекнати во странство за основно, средно и високо образование, секаков тип ученички и студентски стипендии, сместување во ученички и студентски домови, субвенциониран оброк, конкурси од областа на науката…
Како што соопшти МОН, министерот посочи дека Министерството и Бирото за развој на образованието, со поддршка на УНИЦЕФ и Владата на Велика Британија го развија порталот Едуино наменет за поставување и користење дигитални образовни ресурси, а воедно служи и како систем за учење на далечина, а најновите онлајн-модули овозможуваат континуиран професионален развој на наставниците и е-библиотека за ученици и наставници.
-Во моментов содржи: 4723 видеолекции на пет наставни јазици (македонски, албански, турски, српски и босански); 1353 едукативни игри и активности за употреба дома и во училница, видео упатства и материјали за поддршка на наставниците. Најновата функција додадена на платформата овозможува онлајн-модули за континуиран професионален развој на наставниците, што ќе придонесе за дополнително подобрување на квалитетот на образованието, рече Шаќири.
Посочи и дека како дел од процесот на дигитализација на образованието во 2021 година беа дизајнирани и изработени дигитални интерактивни материјали за учење за четврто одделение. Материјалите беа изготвени врз основа на новата Концепција за основно образование со цел учениците полесно да ги разберат содржините кои се изучуваат согласно новите наставни програми за четврто одделение.
-Во иднина ќе ги задржиме традиционалните хартиени учебници во основното и средното образование, но ќе обезбедиме и дигитални верзии заради полесна достапност и примена од страна на оние за кои се наменети, додаде министерот.