Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставници од Националниот сојуз на слепи лица со кои разговараа за моменталната состојба во смисла на правата кои ги користат и можностите за нивно унапредување.
-Како ресорно Министерство на кои на врвот на агендата е грижата за најранливите категории на лица, со посебен акцент на лицата со попреченост продолжуваме посветено да работиме на унапредување на правата и услугите и обезбедување на подобри услови за живот на оние на кои тоа им е неопходно. Оттука и нашите заложби за измените во Законот за социјалната заштита во делот на личната асистенција, односно спуштање на возрасната граница од 18 на 6 годишна возраст, за деца со потешка или најтешка телесна попреченост како и потполно слепи лица. Ова законско решение е во собраниска процедура и очекуваме наскоро да го види светлото на денот, истакнала министерката Шахпаска на средбата.
Претставниците на Националниот сојуз на слепи лица, како што соопшти МТСП, го поздравиле ова законско решение оценувајќи го како мошне значајно и за нив како поединци и за нивните семејства. Од нивна страна било истакнато дека помошта и поддршката кон слепите лица треба да продолжи и да се унапреди во смисла на обезбедување на поголем опфат на помагала кои за нив имаат големо значење во однос на подобро секојдневно функционирање.
-Со цел поттикнување, социјално вклучување и еднакви можности, лицата со попреченост односно лицата со тешка или длабока попреченост, лицата со најтешка попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, се корисници на надоместокот заради попреченост. Исто така, слепите лица користат и права за помош и нега од друго лице. Секоја година врз основа на доставена Програма од страна на Министерството за труд и социјална политика, изготвена врз основа на поднесени програми и проекти од страна на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, Националниот сојуз на слепите на Република Северна Македонија (НССРСМ), добива средства од Владата на Република Северна Македонија, информираат од МТСП.
Министерката за труд и социјална политика Шахпаска на средбата изразила уверување дека помошта и поддршката на лицата со попреченост ќе продолжи и понатаму, во насока на обезбедување на подобри услови за живот и нивна вклученост во општествениот живот.