Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, со кој разговараа за состојбите во оваа дејност и поддршката на државата за да се надминат проблемите предизвикани од пандемијата од коронавирусот.
-Во услови на пандемија од КОВИД 19 туризмот е една од најзагрозените гранки кои заедно со угостителството беа први на удар. Сите напори како Влада беа и се насочени кон помош и поддршка на најзагрозените гранки и категории на граѓани, напиша Шахпаска на својот фејсбук-профил.
За нас како Министерство, додава таа, особено е важно да се заштити и спаси секое работно место, а во таа насока беа креирани и пакетите економска помош.
-Вклучително и 4 економски пакет мерки за помош и поддршка на стопанството, на компаниите, а со тоа и на работните места. Придобивките од финансиската поддршка на граѓаните се двојни. Од една старана им помагаме на граѓаните, но и на домашните компании со купувањето на домашни производи,а гледано пошироко, ја раздвижуваме домашната економија. За сите овие прашања разговаравме со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, напиша министерката за труд и социјална политика.