Шахпаска: Малиот групен дом во скопски Капиштец е пример за вистинска грижа за децата со попреченост​

Од:

„Трети декември го одбележуваме како Меѓународен ден на лицата со попреченост, но инклузијата на овие лица во општеството е процес кој трае 365 дена во годината. Тие се дел од нашето секојдневно живеење, наши пријатели и роднини“, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, при посетата на малиот групен дом за лица со попреченост кој се наоѓа во скопската населба Капиштец.

Министерката потенцираше дека овие лица најмногу од сè бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството и затоа врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика и на Владата е инклузијата на лицата со попреченост во сите општествени текови. Во таа насока министерката рече дека приоритет е спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација 2018 – 2027 „Тимјаник“.

„Во Скопје имаме два мали групни домови во кои се сместени 8 корисници, од 6 до 18 години, деинституционализирани од Специјалниот завод Демир Капија. Овде во малиот групен дом во Капиштец се сместени четири дечиња за кои се грижат дефектолог и негувателка кои секојдневно им помагаат, при јадење, облекување, давање на медицинската терапија, игра. Овие деца се вклучени и во образовниот процес. Во рамки на Специјалниот завод Демир Капија има девет мали групни домови. Од нив три се во Демир Капија и четири во Неготино. Таму се сместени возрасни лица. Во овие станбени единици, кои се финансирани од Министерството за труд и социјална политика, се обезбедува поквалитетен живот за секој корисник, бидејќи секој си има сопствено катче“, рече Шахпаска.

Министерката Шахпаска посочи дека со овие групни домови во пракса се спроведува новиот начин на давање на социјалната услуга за лицата со попреченост.

Речиси половина од вкупно 480 лица кои на почетокот на 2017 година беа сместени во големите институции сега се преселени и згрижени во алтернативни форми на згрижување во заедницата, вклучувајќи ги сите деца под 18 годишна возраст. Со Националната стратегија за деинституционализација се предвидува до крајот на 2024 година да нема ниту еден корисник сместен во резиденцијална институција.

Со новиот Закон за социјална заштита на Министерството за труд и социјална политика, спуштена е границата за лична асистенција од 18 на 6 годишна возраст. Со програмата за развој на ОН, во партнерство со Националниот сојуз на слепи лица, Министерството ја креираше првата апликација Аудио читач за слепи лица и лица со оштетен вид, кој им овозможува пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија на свој мајчин јазик. Отворени се и 15 нови инклузивни детски градинки кои им овозможуваат на децата со попреченост да се вклучат во предучилишното образование.

Според податоците на Свeтската здравствена организација околу 15% од општата популација ја сочинуваат лицата со попреченост, во нашата земја таа бројка е околу 300.000 граѓани.

Би можело да ве интересира

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

Уставен ја укина одредбата од законот според која на лицата со тешка попреченост над 65 години не добиваа парична помош

A1on

МТСП: Си заминува стручниот кадар од Центрите за социјална работа

Владата ја усвои Новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ: Се загуби 70-годишната траекторија во образовниот процес на лицата со попреченост

МТСП: Лицата со попреченост заслужуваат подеднакво можности за развој, затоа оваа Влада континуирано инвестира и во социјалната заштита