Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска го посети Детскиот дом „11 октомври“, кој со процесот на деинституционализација го промени начинот на грижа за децата без родители и родителска грижа од институционален во грижа заснована на групни домови во заедницата.
Во еден дел од објектот се подготвува да отпочне со работа Центар за поддршка на згрижувачки семејства и Центар за мајки и деца, кој периодов наназад беше реновиран во соработка со УНИЦЕФ, а со финансиска поддршка на Британската амбасада.
-Истовремено беа разгледани и просторните можности кои ги нуди објектот за развивање на нов сет на социјални услуги како поддршка на процесот на деинституционализација, а со цел нејзино успешно спроведување, се вели во соопштението од Министерството.
Во него веќе функционира една од пилот-комисиите за функционална проценка на способностите и попреченоста на децата, согласно методологијата (МКФ) препорачана од Светската здравствена организација.
-Деинституционализацијата не значи само преселба на корисниците од резиденцијалните институции во згрижувачки семејства или групни домови во заедницата. Тоа е првиот, мошне важен чекор. Сега пред нас е предизвикот да ги пренамениме објектите во кои порано живееја корисници и да понудиме нови социјални услуги за граѓаните, велат од МТСП.