Сестри, лаборанти и хигиеничари трет месец без плата се грижат за болните од Ковид-19 во скопскиот Клинички центар

Од:

Трет месец без плата, медицински сестри, болничари и хигиеничари вработени со договор на дело ги негуваат болните од Ковид-19 сместени на интерните клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, а министерот за здравство, Венко Филипче, молчи. Велат дека работат подеднакво колку и персоналот вработен со решенија за вработување, го делат истиот ризик за сопственото здравје и сметаат дека е нечовечно тоа што им доцнат платите.

„Персоналот кој е со договор на дело вработен во клиниките еве веќе трет месец не е исплатен. Од почетокот на пандемијата на коронавирус ние се бориме, заедно со останатите колеги, да им помогнеме на болните иако самите немаме здравствено осигурување, иако не ни е платен стажот, секојдневно ризикуваме да заболиме и да го пренесеме вирусот на најблиските, а за тоа не ги земаме ниту минималните и смешни примања. За многумина од нас, тие пари се основен извор на приход. Зарем не е срамота да се грижиме за другите, а да не бидеме исплатени? Зарем не сме битни? “, прашуваат вработените со договор на дело во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Вработените со договор на дело велат дека работат подеднакво колку и персоналот вработен со решенија за вработување

Се жалат дека се во безизлезна ситуација оти не можат да си дозволат да престанат да одат на работа во знак на револт поради неисплатените плати.

„Што би било кога би престанале да одиме на работа? Не би нш исплатиле, а и не би нè вратиле назад иако сме вработени со години“, велат тие.

Тропнале на сите врати за исплаќање на платите, но место пари добиле само префрлање на одговорноста од едни на други. Велат дека и министерот Филипче им ветувал дека ќе бидат исплатени, но тие сè уште чекаат.

Тој не одговори конкретно на прашањата од „А1он“ зошто доцнат платите на вработените по договор на дело и кога ќе им бидат исплатени. Од Министерството за здравство, пак, на прашањата за неисплатените плати на вработени со договор на дело, место одговори, испратија објаснувања за начинот на вработување и потребните согласности за вработените со договор на дело да добијат решенија иако не беа прашани за постапката.

„МЗ ја запазува постапката за прибавување согласности за ангажирање лица со договор на дело. За започнување постапка за вработување согласно Законот за здравствена заштита, како и за продолжување на договорите на дело, согласност дава  Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација. Сите согласности од МФ, согласно барањата на клиниките, Министерството за здравство веднаш ги проследува до клиниките“, велат од Министерството за здравство.

Од таму тврдат дека сите вработени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ редовно добиваат плата и појаснуваат дека во оваа категорија не се лицата вработени со договор на дело.

„Појаснување, договор на дело значи ангажман, но не и вработување. Вработување може да биде на определено и неопределено време. Клинички центар не е едно правно лице, туку секоја клиника е посебно правно лице. Секоја јавно-здравствена установа, како посебен правен субјект има право да склучува договори и да вработува лица согласно потребите на установата“, велат од Министерството за здравство, прашани зошто вработените по договор на дело трет месец работат без плата.

Министерството вели дека нема ниту точна бројка на вработени со договор на дело во Клиничкиот центар оти секоја клиника одделно водела сметка за тоа па посочуваат бројки да се бараат од секоја од клиниките.

Би можело да ве интересира

Не е точна информацијата за наводен колапс на Клинички центар – Мнистерството за здравство реагира на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ

Три дена затворени сите сали на хирургија во Клинички, нема операции за итни пациенти обвинува ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Клинички центар купува државна струја по берзански цени: ЕСМ Продажба единствен понудувач

Орце Костов

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

МВР: Нападната е медицинска сестра во скопскиот Клинички центар

Реорганизација на Клинички центар до крај на мај или почеток на јуни годинава