Американскиот професор и експерт за Балканот Даниел Сервер повикува Обединетите нации да се повлечат од решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, надевајќи се дека тоа може да придонесе двете страни да седнат директно да разговараат и да постигнат решение.
– Спорот ококу Израел и Палестина е стар 65 години, македонскиот судир со Грција околу нејзиното име е предмет на посредување веќе 20 години, исто колку што се работи на спорот меѓу Ерменија и Азербејџан околу Нагорно Карабах, а мировниците на Обединетите нации се во Кипар скоро 40 години. Но, дали подготвеноста на меѓународната заедница да продолжи со посредувањето го помага или спречува постогнувањето на решение. Прашањето е, дали треба да се откажеме од посредникот на Обединетите нации, во надеж дека тоа ќе им даде поттик на Атина и Скопје директно да постигнат договор. Ми делува дека би било оправдано ОН да ги запрат своите напори и да остават двете страни меѓусебно да се договорат, или не, пишува Сервер.
Професорот и поранешен американски пратеник на Балканот, во текстот прашува дали меѓународната заедница воопшто има интерес да посредува толку долго за решавање на спорот, имајќи предвид дека не постои закана од вооружен конфликт околу него. Тој ги наведува основите на спорот, велејќи дека напорите на посредникот Метју Нимиц досега не вродиле со плод.
– Грција одбива да го прифати уставното име на Република Македонија, што не би било многу значајно, освен што Грција го блокира приемот во НАТО, со што ја крши Времената спогодба од 1995 година, што го забележа и Меѓународниот суд на правдата кој пресуди дека Грција ги прекршила своите обврски, но нема сила да ја спроведе својата пресуда. Грција повремено делуваше подготвена да прифати решение, како Северна Македонија, но инсистира тоа да се употребува во сите случаи, вклучително и секогаш кога ќе се спомне во македонскиот Устав. Ова не е многу привлечно за Скопје, кое веќе има ситуација во која сите, освен Грција и меѓународните организации земјата ја викаат Македонија. Скопје воедно се сомнева дека, дури и да прифати договор, грчкиот Парламент нема да го ратификува членството во НАТО, а уште помалку во Европската Унија, вели Сервер.
Американскиот експерт оценува дека во двете земји нема многу интерес за решавање на спорот. Во Македонија, тој вели дека Владата добива на популарност благодарение на националистичка реторика и градбите во Скопје, при што етничките Албанци бараат решавање на спорот со кој не се гледаат идентитетски поврзани како Македонците, и притоа гледаат безбедносни гаранции за себе во членството во НАТО. Во Грција, пак, Сервер вели дека премиерот Самарас е еден од луѓето кои го започнале овој спор, и не гледа политички интерес да го разреши. Идејата на професорот Сервер, за директен дијалог меѓу Македонија и Грција доаѓа по иницијативата на Македонија, за средба на ниво на премиери и за формирање на тимови на двете држави, кои би разговарале за спорот под посредништво на амбасадорот Нимиц. Грција го одби овој предлог.