Матицата на иселениците од Македонија и Светскиот Македонски конгрес во соработка со повеќе здруженија на граѓани и општина Битола денеска во потпелистерското село Трново по 42 пат ја одржаа Светската семакедонска илинденска средба.
На народниот собир во дворот на црквата „Св.Богородица“ во Трново, присуствуваа гости од државата и странство, како и иселениците Македонци кои живеат во западноевропските и прекуокенските земји. Во името на Владата на Република Македонија се обрати заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски кој повика на сплотеност и обединетост за сите Македонци, почитување и продолжување на историскиот континуитет на идеите на двата Илиндена.
– Силно го цениме делото на сите од 1903 и на сите од 1944 година, но сега ние сме на ред. Ние треба да се избориме за нашето дело и за нашата победа, за силна и достоинствена Македонија, како дел од европското семејство и на НАТО. Но, ние нема да молиме за тоа, затоа што тоа го заслуживме. Чуму ни се НАТО и ЕУ ако други сакаат да ни бидат кумови, ако други сакаат да ни го определуваат името. Ние сакаме да бидеме дел од НАТО и ЕУ, но нема да влеземе клечејќи и молејќи. Ние ќе влеземе со високо подигната глава како Македонци, потенцира Коњановски.
На Собирот во Трново се обратија и пратениците во Собранието на Република Македонија Милорад Додевски и Павле Саздов кои нагласија дека ќе продолжат со активностите за заштита на човековите и другите права на македонската дијаспора.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров рече дека доколку некој се обиде да го промени државното име Македонија ризикува дестабилизација на Балканот и Европа.