Селата немаат жители, но полни се со фантомски гласачи

Од:

Жители на Ресенско се жалат дека нема начин да ги избришат од својата адреса гласачите од Пустец и фантомските гласачи од странство кои им стануваат пречка и при решавање на имотно-правни односи. За дел од случаите биле повикани од СЈО додека траела истрагата за случајот„Титаник“.

Ивана Костовска

Низ тесните улички на селото Љубојно кое се наоѓа на дваесет километри од Ресен и пет-шест километри од Преспанското Езеро, се редат куќи оградени со високи авлии и широки порти. Старата архитектура како да е самодоволна, бидејќи реткост е да сретнете минувач што ќе ви каже збор-два за Љубојно. Печалбарското село е испразнето во САД, Канада и Австралија, а мештаните велат дека иселувањето ги претворило во село на фантоми, но и на фантомски гласачи. Во селото се регистрирани повеќе гласачи, отколку жители: во избирачкиот список се запишани 192, а според пописот од 2002 година, Љубојно има 175 жители. Нашите соговорници објаснуваат дека по бројност се тројно помалку: селото нема повеќе од седумдесеттина жители.

„Младите си бегаат, се снаоѓаат. Кој сака тука да седи? Цената по која ни ги откупуваат јаболката е „кисела“, ги продаваме по десет денари за килограм. Можеби ќе ни го наполнат селото со жители со владиниот проект за преселба од град во село“, се шегува еден од мештаните.

На избирачкиот список забележале имиња на лица кои воопшто не живеат во Љубојно, а на последните предвремени избори се појавиле и „фантомските гласачи“ од Пустец.

„Ние сме малку, сите се знаеме, секое име кое е ново веднаш се гледа“, објаснува друг соговорник кој го сретнавме во селската меана.

И во селото Горно Дупени, Ресенско, ни објаснуваат дека на последните избори се појавиле гласачи од Пустец, Албанија. Во селото се регистрирани 73 гласачи, а според пописот живеат 59 жители.

„Гледаме имиња и презимиња кои не се на дупенци. На изборите дојдоа околу десетина гласачи од Пустец“, ни раскажува еден од мештаните.

Поради иселувањето и намалувањето на бројот на жителите, се затвораат и гласачки места, па така жителите на село Лесковец кое има 12 жители, а 15 гласачи, се префрлени да гласаат во село Стење, исто како и оние од село Коњско кое има 3 жители, а 16 гласачи. Во Стење треба да гласаат и осум избирачи од Отешево, иако таму според пописот нема жители.

Според податоците од ДИК, расте бројот на избирачки места што се затвораат поради тоа што имало помалку од 10 избирачи.

На изборите во 2011 се затворени три гласачки места, во 2013 година – 58, додека во 2014 година, затворени се 57 избирачки места.

Соговорници од Ресен објаснуваат дека за да се прикријат фантомските гласачи во градот, не само што се впишуваат гласачи од Пустец на веќе постојни адреси, туку измислени се лажни влезови од згради и станови. На некои адреси се запишани и втора генерација иселеници кои се родени во странство. Така на пример, на улица „Кочо Рацин“ бр.11 во Ресен, сопственикот утврдил дека има запишано лице Николче Ј., за кое во полициска станица му рекле дека било родено во 1988 година во Мелбурн.

„Си имаат лични карти, не може да истражуваме кој ги ставил на твоја адреса“

Пример за тоа дека голем дел од случаите со фантомските гласачи во ресенско не се решени преку теренската проверка на ДИК за прочистување на избирачкиот список, е случајот со Фросина Котларовска Лозановски, која на локалните избори пред четири години забележала дека на адреса на семејната куќа во Ресен се запишани 14 гласачи од Пустец.

Таа ги забележала имињата и презимињата на гласачите од Пустец на нејзина адреса и на веб-апликацијата за проверка на Избирачкиот список.

„Заведени се пред четири години, станува збор за три семејства од Ресен. Секаде е пријавено, дури и во полиција во Битола каде ми рекоа дека луѓето си имале лични карти и не можеле да водат истрага кој ги ставил на моја адреса. За да бидат заведени како кираџии мора да имаат имотен лист“, се жали Котларовска Лозановски.

Некои од граѓаните од Ресен се соочуваат со проблем да ги решат имотно-правните односи поради тоа што гласачи од Пустец без нивно знаење им се заведени како кираџии.
Од СЈО се интересирале за случајот на Доковски

Петар Доковски од Ресен, пак, исто така на локалните избори во 2013 година дознал дека на негова адреса во Ресен се регистрирани жители од Пустец. Семејствата Ковачи, Мале и Цветко тогаш ги забележал на избирачкиот список, а подоцна и во онлајн апликацијата за проверка на ДИК.

„На локалните избори бев член на избирачки одбор и забележав дека доаѓаат луѓе од Пустец на гласање, кои во лична карта имаат иста адреса како мојата. Почнав да ги распрашувам, но гласаа и си заминуваа. Еден од нив ми рече: Јас пак ќе гласам, поголем Македонец сум од тебе“, ни објаснува Доковски кој поднел жалба до ДИК.

За гласачите од Пустец се заинтересирале и го повикале Доковски на разговор од Специјалното обвинителство, кое води истрага во случајот „Титаник“ во кој за изборни нерегуларности се осомничени и екс-министрите Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски, како и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Отворено прашањето за теренската проверка

Неизвесноста околу тоа како ќе се реши политичката криза во државата го држи отворено и прашањето за прочистување на избирачкиот список за кое организациите „Мост“ и „Цивил“ реагираат дека не обезбедува услови за фер и демократски избори.

„Прочистувањето не беше изведено на најдобар можен начин, бројот на луѓе кои влегоа во теренската проверка не беше доволен, самата теренска проверка не беше спроведена најпрописно. Анкетарите не биле под целосна контрола на ДИК, отворена е дилемата како бил направен составот, изборот и самата теренска проверка, во еден број случаи анкетарите сами оделе на теренска проверка. Понатаму сè уште не сме убедени дека имаме чист избирачки список поради низа индикации, на пример еден дел од жалбите беа одбиени“, објаснува Џабир Дерала од „Цивил“.

Тој вели дека неопходно е да се направи подобра теренска проверка, а сите институции да соработуваат.

Дерала, исто така, вели дека Избирачкиот список треба повторно да се врати на интернет страницата на ДИК во првичниот формат, бидејќи многу граѓани пријавувале неправилности и му помогнале на процесот. Иако Управниот суд ја отфрли одлуката на Дирекцијата за заштита на личните податоци во врска со отстранувањето на целосниот избирачки список од интернет страницата на ДИК, сајтот остана непроменет и таму стои само можноста за проверка на списокот со матичен број и со име и презиме на гласачот.
Од „Мост“, пак, велат дека најдобро е да се оди кон активна регистрација на гласачите.

„Кусите временски рокови за теренската проверка и процесите поврзани со неа влијаат врз нејзиниот квалитет, а со тоа и врз целокупниот процес на прочистување на избирачкиот список“, велат од „Мост“.

Од „Мост“ побараа мнозинството кое одлучува во ДИК да објави колку средства се потрошени за спроведување на вкрстените проверки на Избирачкиот список, како и за теренската проверка. Според нивниот став, покрај потрошените финансиски средства, ДИК вложи многу време и напори во овој процес за на крај тоа да резултира со поделено гласање на членовите на ДИК и со нејасни резултати од теренската проверка.
„Мост“, исто така, укажуваше и на злоупотреба на државни ресурси за партиски цели, непостоење на поделеност на државата и партијата, како и притисоци врз вработените во администрацијата.

Најмалку една година за да се бришат гласачи по туѓи адреси

Додека меѓународната заедница и политичките актери во земјава бараат начин да се реши политичката криза, граѓаните на чија адреса се запишани фантомски гласачи се надеваат дека ќе се најде начин како да се исчисти избирачкиот список за да им се реши овој проблем. Во моментов решение немаат ниту МВР, ниту пак ДИК.

Субхи Јакупи, членот на Државната изборна комисија од ДУИ, вели дека ќе треба најмалку една година да се работи за да се расчисти проблемот со гласачи запишани на други адреси.

„Овој проблем е долгорочен. За да се променат адресите, МВР треба да работи заедно со ДИК и сите други институции, што е долгорочен процес. Административните проблеми треба да се класифицираат, да знаеме што е фантомски гласач“, смета Јакупи.

Потврда за тоа дека останува уште многу работа околу прочистување на избирачкиот список е тоа што еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан излезе со иницијатива за меѓународен мониторинг на списокот. Хан најави дека е потребно меѓународната заедница да формира посебно тело кое ќе се занимава со Избирачкиот список.

„Она што го видовме во Македонија е дискусија без крај за квалитетот на гласачката листа. Постојат ОДИХР и други кои оценуваат како изборите се спроведени, но ова се извештаи по изборите. За да се избегне сета дискусија пред изборите, добро и потребно е според мене да се има меѓународна институција, прифатлива за сите, да ја провери гласачката листа пред изборите, па тогаш да може да се одржат неоспорни избори“, потенцира Хан.

Според Јакупи од ДИК, ваквата изјава на Хан покажува дека меѓународната заедница оди кон тоа да има меѓународен мониторинг како оној на ОБСЕ, но пред отпочнување на изборите.

„Ова тело за проверка на избирачкиот список сигурно ќе наликува на еден вид ОБСЕ пред избори. Меѓународната заедница веќе има сознанија каква е состојбата со избирачкиот список во Македонија. Иницијативата на Хан не е лоша, затоа што ќе ја врати довербата кај политичките партии. Треба еднаш засекогаш да се расчисти оваа дилема и гласачите, исто така, да имаат доверба за состојбата со избирачкиот список“, објаснува Јакупи.

Двајцата членови на ДИК од опозицијата, Игор Милев и Виолета Дума од СДСМ оценија дека прочистувањето на избирачкиот список се сведе на импровизација.
Тие реагираа дека на избирачкиот список се уште фигурираат 97 илјади гласачи кои немаат валидна лична карта и живеалиште, како и 18 илјади гласачи за кои нема апликација дека побарале лична карта. Дополнително, ДИК не постапувала по 4 илјади пријави од граѓаните.

Наспроти тоа, шест члена на ДИК заклучија дека нивната петмесечна работа е „крунисана“ со пречистен Избирачки список, што ќе ја врати изгубената доверба. Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, кој претходно изјави дека нема да го потпише избирачкиот список дури и ако има еден спорен гласач, гласаше против, со објаснување дека процесот не е завршен.

И меѓународната организација за изборни системи, ИФЕС, чии експерти активно учествуваа во спроведените проверки, рекоа дека идентификувани се повеќе проблеми кои треба да ги истражи МВР, но тоа не може да се направи до 5-ти јуни. За нив, нејасен е статусот на 40 илјади лица кои не се пронајдени при теренските проверки, како и 12 илјади за кои не се добиени информации.

Screenshot_3

*****
Прилогот е изработен во рамки на Проектот „Демографија – квалитет на живеење“ на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Осми септември и Центарот за развој на медиуми, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество -Македонија.

Содржината на прилогот е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

Би можело да ве интересира

Меџити не кажа дали е можен министер за внатрешни работи: Ќе разговараме во наредните денови

А1он

Сиљановска од Струмица: Оттука ќе тргне политичкиот вулкан и ќе стави крај на феудалните енклави на замислените европјани

А1он

Бугарската амбасада во Албанија донираше во општина Пустец: „Секоја донација без задни намери е добредојдена“

А1он

Апасиев: Македонска платформа, за да запрат уцените од балистите

А1он

Меџити: Сакаме да бидеме фактор во влада која ќе биде европски ориентирана

Александар Тодески

Меџити не кажува дали Уставните измени остануваат услов за формирање на влада: Сега сме фокусирани на победата