Се распаѓа манастирот во Матејче: наместо верници, пцовисани животни и опожарени конаци

Од:

Опожарени конаци, уништени фрески, демолирани двете влезни врати, оштетен покрив, а во внатрешноста на црквата има остатоци од мртви животни – ова е само дел од сликата што ја затекоа група историчари на уметноста и археолози, кои беа во посета на манастирот „Св. Богородица“ во липковското село Матејче.

Јасмина Зисoвска, историчар на уметноста во кумановскиот музеј, објави фотографии на „Фејсбук“, на кои се гледа дека овој споменик на културата е целосно запуштен и препуштен на распаѓање. Таа вели дека состојбата е уште позагрижувачка по опожарувањето на конаците во април, затоа што е отворен патот за диви копања во делови од црквата, кои се забележани при посетата.

Зисовска вели дека е крајно време да се преземе нешто за да се спаси она што останало, од оваа црква со, како што посочува, исклучителен фрескопис и една од ретките од византискиот период.

Пред избувнувањето на конфликот во 2001 година, локалното население секоја година на 21 септември, во манастирот го славеше христијанскиот празник Рождество на Пресвета Богородица.

„Денес, пред празникот, го чистиме манастирот во Матејче, , кој е целосно запуштен, со опожарени конаци, секоја година сè полошо и полошо. Срами се, Македонијо,“ напиша Зисовска под фотографиите.

„Во внатрешноста на црквата има остатоци од мртви животни и нивни живеалишта, има колонии од инсекти, кои се движат по ѕидовите, на кои сè уште има живопис. Ентериерот е препуштен на немилоста на атмосферските влијанија. За жал, овој манастир (манастирската црква и конаците) се најде во средиштето на конфликтот во 2001 година, при што конаците што се користеа како детско одморалиште беа речиси целосно разрушени, а оштетувањата на живописот набргу по конфликтот беа санирани. Во годините што следуваа, па сè до денес, овој манастирски комплекс е целосно запуштен и напуштен. Конаците стојат во полуразрушена состојба, а влезните врати на црквата во неколку наврати беа обивани, така што денес црквата е отворена и незаштитена. Последен пат бев во манастирот во јануари 2018, тогаш барем вратите ги прикрпивме“, вели Зисовска.

Манастирската црква е изградена во 14 век од страна на цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена и неговиот син Урош ја доградиле и живописале. Храмот е посветен на Пресвета Богородица и претставува една од најмаркантните македонски цркви создадени во средновековниот период.

Би можело да ве интересира

Изгаснат e пожарот кај хотелскиот комплекс Манастир

Ограбен е манастирот „Св.Јован Крстител“ во скопското село Љубанци

Жител на Мала Речица го ставил знамето на Албанија на манастирот на Попова Шапка

Катерина Ѓуровски

Се држи свештеник на нишан? Оклопни возила и вооружени лица во дворот на манастирот Бањска

А1он

Почна конзервацијата и реставрацијата на монументалниот иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение“

А1он

Ловџија го застрелал својот пријател додека биле на лов кај Матејче

А1он