Се набавуваат 5650 лаптопи за пописот, чинат над 3 милиони евра

Од:

Државниот завод за статистика набавува 5650 лаптоп компјутери по цена од 650 евра за претстојниот попис во април 2021 година. Вкупната вредност на набавените лаптопи „Ленови ТинкПад“ од 14 инчи, изнесува 3,2 милиони евра, а на социјалните мрежи можат да се прочитаат голем број реакции во однос на цената и во однос на тоа зошто се врши ваква набавка во ситуација кога не се знае дали пописот воопшто ќе се одржи поради коронавирусот.

Според објавениот договор на Бирото за јавни набавки, единствената понуда ја дал „Македонски Телеком“, кој и го добил тендерот.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, за „А1он“ вели дека со оваа набавка државата заштедува, затоа што пописот би чинел 2,5 милиони евра повеќе, доколку за неговото спроведување би се користела хартија. Понатаму, објаснува тој, компјутерите ќе бидат донирани на Министерството за образование и наука, кое ќе одлучи за што ќе се употребуваат во иднина.

„Овие компјутери нема да пропаднат, туку повторно ќе завршат кај категории лица на кои им се најпотребни, за што ќе одлучува Министерството за образование. Сите пресметки покажаа дека на овој начин заштедуваме и пари и време. Само за хартија би се дале 2,5 до 3 милиони евра повеќе, бидејќи треба да се печатат најмалку 10 милиони прашалници, а секој прашалник има 4 страници. Освен тоа, треба да бидат ангажирани луѓе за обработка на податоците, тие треба исто така да се платат. И најважно, заштедуваме на време, бидејќи една година би ни била потребна за да се обработат податоците рачно. На овој начин, со лаптопи, податоците одат директно во база, во компјутерот не останува никаков податок. Вака и податоците ќе бидат многу порелевантни, бидејќи инаку за една година некој може да се исели, да почине, да смени место на живеење и слично“, вели Симовски.

Во однос на одржувањето на пописот, Симовски вели дека и покрај корона кризата, останува април 2021 како термин. Доколку дотогаш има вакцина против Ковид-19, сите попишувачи ќе бидат вакцинирани, а доколку не, ќе биде набавена соодветна опрема за секој од нив.

„И сега имаме анкетари на терен и немало никаков проблем. Засега не планираме одложување на пописот поради коронавирусот, а се надеваме и дека тогаш ситуацијата ќе биде под контрола“, смета тој.

За пописот ќе бидат ангажирани околу 5500 надворешни попишувачи. Тие ќе бидат избрани на јавен конкурс, кој според планот за подготовка на пописот, треба да биде објавен во јануари следната година.

Пописот ќе чини 8,5 милиони евра, а дополнително оваа сума може да се зголеми единствено ако се набавуваат заштитни маски и скафандери за попишувачите.

Македонија е една од ретките земји во светот без одржан попис во последниве 10 години. Последниот попис се одржа во 2002 година.

Би можело да ве интересира

Угостителските услуги за една година поскапеле за 6,3 отсто

Симовски: Демографската иднина не зависи од желбата да се има деца, туку од сите останати фактори во општеството

Од земјава годишно се иселуваат 12 илјади луѓе, за пет децении Македонија ќе има 1,3 милиони жители

Катерина Ѓуровски

Четворица малолетници украле компјутери од училиште

БДП зголемен за 2,2 отсто соопшти Статистика

Полицијата заплени 24 компјутери од бизнисмен

Горан Наумовски